Пред средбата, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак во објава на Телеграм соопшти дека украинската делегација е подготвена за клучните разговори со САД
Делегациите на Соединетите Американски Држави и Украина ја започнаа средбата во Џеда, Саудиска Арабија, соопшти утринава украинското Министерство за надворешни работи.

Украинскиот тим го претставуваат шефот на канцеларијата на Зеленски, Андриј Јермак, советникот за национална безбедност на земјата и министрите за надворешни работи и за одбрана. Дел од тимот на САД се државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Валц и специјалниот пратеник Стив Виткоф.
Пред средбата, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак во објава на Телеграм соопшти дека украинската делегација е подготвена за клучните разговори со САД.
„Нашиот тим пристигна. Се подготвуваме за работа. Бранејќи ги интересите на Украина и јасната визија за ставање крај на војната, ефективно ќе работиме со нашите американски партнери“,
објави Јермак.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој е дел од американската делегација, вчера изјави дека на средбата во Саудиска Арабија претставниците на САД ќе очекуваат да слушнат какви отстапки е подготвена да направи Украина бидејќи, како што рече, нема да има прекин на војната ако двете страни не направат отстапки.
Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, соопшти дека Москва очекува САД да ја информираат за исходот од средбата со украинските претставници.