Засега не е познат ниту опсегот на помошта ниту, пак, колку долго ќе трае паузата
Претседателот на САД, Доналд Трамп, наредил привремено паузирање на пратките на американска воена помош за Украина по жестоката расправа со украинскиот претседате Володимир Зеленски во Овалната соба минатата недела. Информацијата ја пренесе Си-ен-ен, цитирајќи официјален американски претставник на Белата куќа.

„Претседателот беше јасен дека е фокусиран на мирот. Потребно е и нашите партнери да бидат посветени на таа цел. Ја паузираме и ја разгледуваме нашата помош за да се осигураме дека таа придонесува за решение“,
изјави претставникот на Белата куќа, кого го цитира Си-ен-ен.
Засега не е познат ниту опсегот на помошта ниту, пак, колку долго ќе трае паузата.
Ниту од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски ниту од Амбасадата на Украина во САД засега нема коментар по однос на одлуката на Трамп. Потегот го осудија демократите во американскиот Конгрес.
„Со замрзнувањето на воената помош за Украина, претседателот Трамп ширум ја отвора вратата за Путин да ја ескалира својата насилна агресија врз невините Украинци. Последиците несомнено ќе бидат поразителни“,
изјави сенаторот Џин Шахин, највисокиот демократ во Комитетот за надворешни односи на Сенатот.
Одлуката за паузирање на воената помош за Украина следи по минатонеделната средба на Трамп и потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, со украинскиот претседател Володимир Зеленски, на која двајцата повеќепати му префрлаа оти не е благодарен за американската помош која ја добива во контекст на војната.
Трамп вчера повторно рече дека Зеленски треба да биде поблагодарен за американската поддршка.