Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста за продолжување на разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски веднаш по нивната тензична дискусија во Белата куќа, велејќи оти се чини дека Зеленски не сака мир
По тензичната и напната средба меѓу него и американскиот претседател Доналд Трамп вчера во Белата куќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски вели оти не смета дека треба да му се извини на својот домаќин, додавајќи дека го почитува претседателот на САД и американскиот народ.

Овие ставови претседателот на Украина ги изнесе во своите први јавни настапи по жестокиот вербален судир со Трамп и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс во Овалната соба, говорејќи во интервју за телевизијата Фокс њуз.
Прашан дали смета дека должи извинување по тоа што се случи на средбата, украинскиот претседател изјави:
„Не, го почитувам претседателот и го почитувам американскиот народ… Мислам дека треба да бидеме многу отворени и многу искрени. Не сум сигурен дека направивме нешто погрешно“, рече Зеленски, објави новинската агенција ДПА.
Давајќи оценка за исходот на средбата, украинскиот претседател рече дека тој „не е добар за ниту една страна“.
Зеленски, исто така, наведе дека Трамп греши кога тврди дека тој никогаш не би потпишал договор за мир со рускиот претседател Владимир Путин, но предупреди дека Украина мора да биде во силна позиција за да го стори тоа, пренесе Ројтерс.
Во интервјуто тој рече и дека на Украина ќе ѝ биде тешко да ѝ се спротивстави на Русија без американска поддршка, изразувајќи уверување дека неговиот однос со Трамп може да се подобри.
„Посакувам Трамп да беше повеќе на наша страна“, додаде украинскиот претседател.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста за продолжување на разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски веднаш по нивната тензична дискусија во Белата куќа, велејќи оти се чини дека Зеленски не сака мир.
„Тој сака веднаш да се врати, но јас не можам да го направам тоа“, рече Трамп за време на своето прво јавно појавување по вчерашната тензична средба, додавајќи дека украинскиот лидер прво мора да каже дека сака мир.
Инаку, американскиот државен секретар Марко Рубио подоцна по средбата излезе со нови предупредувања од американската администрација до Зеленски, повикувајќи го украинскиот лидер да се извини што средбата во Белата куќа ја претворил во „фијаско“.
Тензиите на средбата, кои предизвикаа бурни и остри реакции од дел светските лидери, резултираа со напуштање на Зеленски на Белата куќа, откажување на планираната заедничка прес-конференција со Трамп, а не беше потпишан ниту договорот меѓу САД и Украина за ретки минерали, како што се очекуваше и беше најавено.

Трамп вчера по средбата изјави дека украинскиот претседател не изгледа како човек кој сака мир.
Од друга страна, лидерите не повеќе земји членки на Европската Унија, како и раководството на Унијата, изразија слилна поддршка за Украина, порачувајќи дека таа не е сама.
Својата непоколеблива поддршка за Украина ја изрази и британскиот премиер Кир Стармер, кој беше гостин во Белата куќа и се сретна со Трамп еден ден пред Зеленски.
Портпаролката на Даунинг стрит изјави дека Стармер разговарал и со Трамп и со Зеленски по нивниот вербален судир во Белата куќа.
Според неа, британскиот премиер останува непоколеблив во својата поддршка за Украина и прави сè што може за да најде пат кон траен мир заснован на суверенитетот и безбедноста на Украина.
„Премиерот со нетрпение очекува да биде домаќин на меѓународните лидери, вклучително и на претседателот Зеленски в недела (2 март н.з)“, рече таа.
Британските и европските лидери утре ќе се состанат во Лондон на разговори за безбедноста на Европа и војната во Украина
На самитот се поканети лидерите на Франција, Германија, Данска, Италија, Турција, НАТО и Европската Унија. Стармер, кој разговараше со Трамп во четвртокот, на самитот ги покани и лидерите на Холандија, Норвешка, Полска, Шпанија, Финска, Шведска, Чешка и Романија.