Комисијата, како што појасни нејзината претседателка Данка Ристова, констатирала дека судијката Алексовска-Стојановска ја донела одлуката за изрекување заводска мерка против Васил Јованов во предметот за поседување и трговија со дрога согласно член 70 од Законот за правда на децата
Инаку, Васил Јованов е 20-годишното момче осомничено дека на 29 јануари смртно ја прегази две години повозрасната Фросина Кулакова додека поминувала на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“
Нема повреда на законот, односно постапување спротивно на него во одлуката на судијката Даниела Алексовска-Стојановска да му одреди воспитна мерка наместо затворска казна на Васил Јованов во случајот каде на скопјанецот, кој сега е осомничен за прегазувањето на Фросина Кулакова, лани во јули му се судело за поседување и трговија со дрога.

Ова го утврдила комисијата што по сообраќајката и информациите што по неа произлегоа во јавноста во врска со претходните судири со Законот на Јованов, ја формира Судскиот совет.
Конкретно задача на тричлената ад хок комисија на Советот беше да утврди дали имало пропусти во одлучувањето на Основниот кривичен суд Скопје во предметот против Јованов за поседување наркотици.
Комисијата беше формирана на 6 февруари, а за нејзини членови Судскиот совет ги назначи судијката Данка Ристова, нејзината колешка Антоанета Димовска и членката на Советот, Тања Чачарова Илиевска.
Судскиот совет на денешната седница го усвои нивниот извештај од спроведената работна посета на Основниот кривичен суд Скопје и Апелацискиот суд Скопје.
Посетата на работната група на првостепениот и на второстепениот суд, како што беше наведено, била спроведена уште следниот ден по формирањето на комисијата, односно на 7 февруари, при што бил извршен увид во предметот. Биле извршени разговори и со судијката Алексовска-Стојановска и со судијата известител по предметот во Апелацискиот суд, Тања Милева.
Инаку, Судскиот совет на седницата на 6 февруари одлучи освен во Кривичниот, да го посети и Апелацискиот суд, бидејќи предметот се наоѓаше во второстепена постапка на одлучување по жалби на Обвинителството и на одбраната во обвинетиот Јованов.
Како што информира судијката и членка на Судскиот совет, Данка Ристова, со нејзината колешка Алексовска-Стојановска било разговарано за повеќе актуелни прашања што се отворија во јавноста, како наводното нејзино познанство со родителите на Јованов и за тоа дека опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) под кирија изнајмувал деловен простор во објект во сопственост на нејзиното семејство.
„На прашањата кои беа актуелни во јавноста судијката ни даде одговор дека нејзиниот сопруг работел во иста фирма ‘Искрател’ со мајката на обвинетиот од 2003 до 2008, во океански систем со 70 вработени. Се познавале, но не биле пријатели, ниту куќни пријатели ниту, пак, таа лично ја познавала мајката на обвинетиот. Во однос на издадениот деловен објект на партијата СДСМ во Ранковце, појасни дека бил издаден од страна на нејзиниот татко многу одамна, а кој бил починат од 2018 година. Досега немале ништо променето во однос на тој договор за закуп, а моментално куќата се водела по една третина на судијката, нејзината мајка и сестра“, наведе Ристова, која имаше и функција не претседател на ад хок комисијата.
Комисијата, како што појасни таа, констатирала дека судијката Алексовска-Стојановска ја донела одлуката за изрекување заводска мерка согласно член 70 од Законот за правда на децата. Во овој член, како што кажа, е регулирано дека за време на пресудувањето на полнолетно лице кое не наполнило 21 година може да му биде изречена заводска мерка доколку со оглед на неговата личност и околностите под кои е сторено делото може да се очекува дека со воспитната мерка ќе се постигне целта што би се остварила со изрекување на казната.
Од увидот во предметот, наведе Ристова, за обвинетиот стоело дека е претходно неосудуван и дека од Основното јавно обвинителство Скопје не се доставени податоци дека против него се водат други кривични постапки, меѓу другото, и за сообраќајна несреќа што Јованов претходно ја предизвикал. Тој не бил гонет за оваа сообраќајка, откако во Обвинителството таква согласност дал оштетениот во случајот.
„ОЈО Скопје не доставило решение дека во согласност со оштетениот, го одложил кривичното гонење за сообраќајна незгода која ја сторил обвинетиот односно за кривично дело за кое е пропишана казна затвор до три години ако осомничениот е подготвен да се однесува според упатствата на јавниот обвинител, што е предвидено како можност согласно член 43, став 1, од Законот за кривична постапка (ЗКП), а како факт дека вакво решение постоело беше и во јавните гласила потврдено од овластениот тужител. Податоците што работната група ги утврди од увидот во кривичната пријава од МВР – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје, дека обвинетиот повеќепати е контролиран поради поседување на растителна материја која до моментот на поднесување на пријавата во ОЈО Скопје не била вештачена, а во еден случај кај обвинетиот е пронајдена и одземена дигитална сива вага, според одредбите од ЗКП не се доказ во кривичната постапка и овие податоци судијката правилно не ги зела во предвид при пресудувањето. Зошто овие дејствија преземени од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје не биле процесуирани со завршница е прашање за самите нив и за Основното јавно обвинителство Скопје“, рече Ристова.

Решението со кое на обвинетиот му е укинат притворот за случајот со трговија со дрога, судечкиот судија го донел применувајќи ја одредбата од член 173, став 1, точка 5, од ЗКП, сметајќи дека кога на обвинетиот не му е изречена казна затвор, поради изречената заводска мерка тоа треба да биде укинато по службена должност, што според изјавата на судијката како одлука било пракса во судот.
Тоа, како што наведе претседателката на комисијата, не можеле да го проверат бидејќи вакви предмети со изречена заводска мерка на помлад полнолетен сторител се многу ретки. Беше посочено и дека решението со кое на обвинетиот му е укинат притворот не е обжалено од Основното јавно обвинителство Скопје.
Работната група, исто така, му предложи на Судскиот совет да го достави извештајот до ОЈО Скопје и до Советот на јавни обвинители.
„Наводите за пристрасност при одлучувањето на судијата во однос на постоење на причини за изземање од член 33 од ЗКП оваа работна група смета дека испитаните околности не се од таков карактер да предизвикуваат сомневање во нејзината пристрасност и не се во рамки на предвидените причини за изземање од член 33, став 1 и 2 од ЗКП“, наведе Ристова.
Инаку, Апелацискиот суд Скопје истиот ден кога работната група на Судскиот совет била во негова посета за случајот, информира дека ја преиначил првостепената пресуда со која Васил Јованов беше упатен во воспитно-поправен дом и донесе мериторна одлука со која го осуди на затворска казна од три години и 10 месеци.
Одлуката на Апелацискиот суд, како што соопштија оттаму, ја донел на 5 февруари на нејавна седница.
Претходно, откако во јавноста се дозна дека против осомничениот Јованов се водел судски процес за поседување наркотици, кој завршил со воспитна мерка, Кривичниот суд, иако неправосилна, јавно ја објави првостепената пресуда.
Во дел од образложението во неа беше наведено дека воспитната мерка упатување во воспитно-поправен дом е адекватна, а судот ги ценел личноста на обвинетиот, неговата младост и недоволното животно искуство, опкружувањето во кое се нашол во време на сторување на делата, „во друштво каде што консумирањето наркотици очигледно било секојдневие“.
Васил Јованов е 20-годишното момче кое е осомничено дека на 29 јануари смртно ја прегази две години повозрасната Фросина Кулакова додека поминувала на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“.
Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, а меѓу нив дискусии предизвикаа и одлуките на правосудните органи за претходни случаи во кои бил инволвиран Јованов.
Сообраќајната несреќа во која смртно настрада Фросина ги поттикна граѓаните да излезат на неколку протести во Скопје и Неготино, од кои побараа правда за младата девојка, агилност кај надлежните и најстроги казни за оние што возат без дозвола и под дејство на алкохол и наркотици.