Министерот за здравство рече дека во тек се испитувања на овие лица и не ја исклучи можноста да се новозаразени со коронавирус
Во следните денови може да се очекуваат случаи на новозаразени со коронавирус во Струга, изјави вечерва министерот Венко Филипче во интервју за ТВ 24, одговарајќи на новинарско прашање дали литијата што се одржа во овој град на 7 мај може да предизвика нови случаи.
„Колегите од рендгенолошкото одделение во болницата во Струга ни сигнализираа дека има лица кои доаѓаат со белодробен наод кој одговара на ковид – 19 и тоа се луѓе кои присуствувале на литијата. Ќе видиме дали е така. На таков настан каде не се одржува физичко растојание, не се носат маски може да се очекува дека вирусот се шири“,
рече Филипче за ТВ24.
Тој повтори дека ситуацијата со вирусот, сепак, стивнува и има апсолутна контрола врз бројот на пациенти, нема изненадување од каде е некој контакт, односно дека последните случаи се резултат на семејни собирања.
(ВИДЕО) Масовен верски собир во Струга, ниту дистанца ниту заштитни маски
Премиерот Оливер Спасовски побара оставка од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев поради овој настан, иако од МВР соопштија дека „таа појава не беше возможно целосно да се спречи со поригорозна полициска интервенција поради можноста од пожестока реакција на верниците и ескалација на ситуацијата“.
Обвинителството во Струга отвори предмет по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи.
