Освен против вишиот јавен обвинител на Скопје, кој е веќе суспендиран од функцијата поради кривична постапка која се води против него, дисциплинска постапка е поведена против уште еден јавен обвинител од истото обвинителство
Поведена е дисциплинска постапка против вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, како и против уште еден јавен обвинител од истото обвинителство за сторени тешки дисциплински повреди. Решението едногласно е донесено од страна на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција, а за него денеска информираа од Јавното обвинителство на РСМ.

„Во првиот случај, дисциплинската постапка е поведена против вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје поради констатирани неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје. Втората дисциплинска постапка е поведена против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение, како и против вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети“,
информираат од Обвинителството.
Додека вишиот јавен обвинител во Скопје е веќе суспендиран од функцијата поради кривична постапка која се води против него, како што додаваат од ЈО, државниот јавен обвинител донесе одлука за суспендирање и на другиот јавен обвинител, додека трае дисциплинската постапка.
За виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје во декември 2022 година беше реизбран Мустафа Хајрулахи. Кон крајот на минатата година тој беше суспендиран од функцијата откако против него беше покрената истрага и поднесена кривична пријава. Јавното обвинителство на РСМ тогаш соопшти дека против јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, е отворена истрага за малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службената положба и овластување.
- Отворена истрага против шефот на скопското Вишо јавно обвинителство, Хајрулахи – го пријавиле колеги за малтретирање
- Советот на јавни обвинители ја потврди одлуката за суспензија на Хајрулахи
Еден ден подоцна, Хајлурахи на прес-конференција обвини дека врз него се врши притисок од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со цел да се влијае на актуелни предмети. Тенденцијата, како што кажа, е тој да биде отстранет и да се замолчи, како и да се заплашат другите колеги.