Министерката рече дека како влада се свесни за проблемот со кој се соочуваат овие установи и целат кон системско решение. Засега, како што рече, не може да се каже кое ќе биде решението, а повеќе пресметки најави на почетокот на вториот квартал
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска информира дека се прави сеопфатна анализа за потрошувачката на струја во училиштата, болниците, комуналните претпријатија и други јавни установи кои имаат енормни сметки за струја. Во оваа насока, како што рече, се размислува да се направи посебен пакет со поприфатливи цени на електрична енергија за овие установи, со цел да имаат одредени заштеди.
„Се размислува да се направи посебен пакет за нив со понормална цена, а се работи и на формирање балансна група во која ќе бидат групирани“,
изјави Божиновска одговарајќи на новинарски прашања.
Министерката рече дека како влада се свесни за проблемот и целат кон системско решение. Засега, како што рече, не може да се каже кое ќе биде решението, а повеќе пресметки најави на почетокот на вториот квартал.
„Свесни сме за проблемот. Уште кон крајот на минатата година почнавме да ги гледаме болниците, училиштата, комуналните претпријатија кои имаат енормни сметки за струја. Сега е зима и најпрво треба да се погрижиме зимата да заврши и сè да биде како што треба. Но, работиме на една балансна група во која ќе бидат сите овие претпријатија, ќе видиме какви се можностите и кои ќе бидат цените“,
изјави Божиновска.
Деведесет јавни комунални претпријатија минатата недела побараа да им се овозможи да плаќаат повластена цена на електрична енергија. Во барањето испратено преку Здружение за даватели на комунални услуги – АДКОМ, јавните претпријатија велат дека во интерес на нивната ликвидност, а со тоа и во интерес на граѓаните е да плаќаат струја по единствена цена за киловат-час.
Бараат да склучуваат договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ по цена по која „ЕСМ продажба“ jа продава на универзалниот снабдувач со електрична енергија, односно цената која служи за снабдување на населението и малите потрошувачи.