Јавниот обвинител при прилепското Основно јавно обвинителство Стевчо Биноски вели дека го чека наодот од обдукцијата на бебињата, а ја очекува и документацијата од болницата и од службата за итна помош по што ќе побара искази

Вонреден инспекциски надзор ќе се врши во прилепската болница за смртта со двете новороденчиња близначиња кои починаа пред четири дена.
Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Кирил Лазов, вели дека веќе издал налог за надзор и оти ќе се проверува сета документација што е поврзана со новороденчињата.
Лазов очекува дека во текот на утрешниот ден веќе ќе биде подготвен извештајот за надзорот на инспекторатот.
Јавниот обвинител при прилепското Основно јавно обвинителство Стевчо Биноски вели дека го чека наодот од обдукцијата на бебињата, а ја очекува и документацијата од болницата и од службата за итна помош.
Тој вели дека кога сето ова ќе го добие, потоа ќе побара искази.
Извештајот од вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе го очекува и основното јавно обвинителство.
Од Центарот за социјални работи, како што пренесува МИА, информирале дека нивна екипа и денеска го посетила семејниот дом на младите родители во прилепското село Славеј за да видат во какви услови е домаќинството каде што сега се другите три деца на младата брачна двојка.
Во четвртокот родителите на близначињата, машко и девојче, повикале Итна помош зашто бебињата биле во тешка здравствена состојба.
Едното бебе, машко, починало во домот. Другото бебе, кое било премрзнато, било пренесено во прилепската Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ и таму веднаш му била укажана интензивна медицинска интервенција. Бебето било реанимирано и интубирано, поставено во топли ќебиња, а и дополнително се затоплувало. Но, и покрај тоа, додаваат од болницата, состојбата на бебето продолжила да се влошува, а во 13 часот била констатирана смртта.
Близначињата, како недоносени, биле родени спонтано на 30 декември 2024 година, во 34-та гестациска недела. Првото новороденче, машко, било со родилна тежина од 1 970 грама, а второто, женско, со тежина од 1 780 грама.
Новороденчињата биле испишани од болницата на 10 јануари на барање и со потпис на мајката.
Мајката била родена во 2001 година и ова било нејзина четврта бременост.
