Децата што веќе имаат развиено симптоми што наликуваат на грип се препорачува да бидат изолирани и да не одат на училиште

Почетокот на второто полугодие за учениците и дружењето во затворен простор поради ниските температури се дел од факторите што може да придонесат за зголемување на бројот на заболени од грип.
Според надлежните, врвот на заболените се очекува кон средината на февруари.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ вели дека секоја година се зголемува бројот на заболени од грип до средината на февруари, кога се очекува врвот.
Тој вели дека со години врвот е во втората половина на февруари.
„Ќе растат бројките уште, но, споредено со минатите години, нема никаква разлика во однос на тоа како е сега. Дури ако споредиме со лани, оваа година состојбата со заболени лица од грип е нешто подобра. Тоа што бројот на заболени ќе расте, не зависи само од училиштата, таква е динамиката на раст на бројот на заболени од грип“,
вели Мехмедовиќ во изјава за МИА.
Децата што веќе имаат развиено симптоми што наликуваат на грип, Мехмедовиќ препорачува да бидат изолирани и да не одат на училиште.
Во последниот извештај од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кој се однесува на периодот од 6 до 12 јануари, беше наведено дека биле пријавени 1 053 случаи на групни пријави за заболени од грип и слични заболувања, што е за 3,2 пати повеќе во споредба со претходната недела.
Во однос на возраста на заболени, 633 лица се на возраст од 15 до 64 години, 179 се деца на возраст од пет до 14 години, а 144 до четири години. Деведесет и седум се лица на возраст над 65 години.
Најголем е бројот на заболени во Скопје – 305, по што следуваат Дебар со 134, Куманово со 118, Тетово и Гостивар со 66, Кавадарци со 62, а во останатите градови, бројот на заболени е помал или еднаков на педесет.
Од ИЈЗ велат дека најефикасна заштита од грипот е вакцинацијата и ја препорачуваат за целото население.
Заклучно со втора недела од 2025 година, во државава вакцинирани се вкупно 72 318 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.