„Ја повикуваме претседателката да размисли за нејзината одговорност да ги претставува интересите и вредностите на Република Северна Македонија со достоинство и јасност. Нашите граѓани јасно се изјаснија дека стојат на страната на мирот, демократијата и меѓународната правда“, велат од ДУИ

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска преку соопштение реагира на говорот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на приемот за дипломатскиот кор, а во кој, според ДУИ, непровоцираната и насилна руска агресија врз Украина била опишана како „воена операција“.
Според ДУИ, ваквата реторика е неприфатлива и е во спротивност со ставовите на нашата држава како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија.
„Опишувањето на една крвава агресија која предизвика огромни страдања како ’воена операција’ ја релативизира криминалната природа на дејствијата и ја негира горчливата реалност со која се соочува украинскиот народ“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Во соопштението од ДУИ се вели дека го потврдуваат својот цврст став во поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и најостро го осудуваат секој обид за користење на јазик кој се вклопува во пропагандата на Кремљ.
Од партијата велат дека високите претставници на државата мора да ги рефлектираат јасно и одговорно позициите на нашата земја, почитувајќи ги нашите меѓународни обврски и стратегиски сојузи.
„Ја повикуваме претседателката да размисли за нејзината одговорност да ги претставува интересите и вредностите на Република Северна Македонија со достоинство и јасност. Нашите граѓани јасно се изјаснија дека стојат на страната на мирот, демократијата и меѓународната правда“,
додаваат од ДУИ.
Во говорот за време на минатонеделниот прием на дипломатскиот кор, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, зборувајќи за она што го посакува во 2025 година, рече дека членството во ЕУ било и останува врвен македонски државен интерес и приоритет, а се осврна и на тоа дека на нашиот континент уште беснее руско-украинската војна.
„Ние од почетокот на руската воена операција застанавме на страната на Украина, мислиме дека е тоа не само заради единствената европска политика, туку принципиелно“,
рече Сиљановска-Давкова во говорот.
