Деаноски упати порака и до опозицијата, на која ѝ порача да не се „лепи на овие протести“ бидејќи овие партии имаа седум години додека беа на власт да го решат проблемот со платите
Прашан дали имале поплаки од некои вработени дека имале притисоци за да не излезат на протест, претседателот на Синдикатот на УПОЗ одговори потврдно, но одби да каже за кои министерства станува збор и додаде дека тоа ќе го соопштат до крајот на неделата
Секој обид на Владата или на политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот ќе им биде залуден. Ова денеска го изјави претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, на вториот ден од протестот на вработените во шест министерства и две институции кои бараат зголемување, односно додаток на нивните плати од 30 проценти.

Изјавата на Деаноски е своевиден коментар на вчерашната прес-конференција на портпаролката на Владата, Марија Митева, која соопшти оти Владата изразува сомнеж дека зад штрајкот стои политичка заднина, која, според нивните оцени, дејствува како продолжена рака на партиите кои досега ги злоупотребувале правата на работниците.
Митева, говорејќи во името на владата, рече и дека изненадува фактот што Синдикатот на УПОЗ наместо за дијалог се одлучил за штрајк како прв чекор и за кој рече дека бил незаконски организиран.
Коментирајќи ги ваквите наводи, Деаноски рече дека сака да ја поправи вчерашната изјава на Владата бидејќи, како што кажа, од Илинденска број 2 очигледно го помешале Синдикатот на УПОЗ со некој друг.
„За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година има организирано три штрајка, најмалку 20 протести, од кои на протестот во месец декември 2023 година над 5 000 вработени од управата и правосудството излегоа на улица и побараа достоинствени плати за живот. А, во 2024 година заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) имавме само 20 протести. Барањата остануваат исти и апелираме до Владата и ресорните министерства што поскоро да започнеме преговори и да најдеме заедничко прифатливо решение за овој проблем“,
рече Деаноски.
Дополнително, тој кажа оти не станува збор за штрајк, туку за протест.
„Не е ова штрајк, како што кажуваат од Владата, ова е протест. Протест по половина час имајќи ги предвид работните задачи на вработените кои треба да ги завршат за да министерствата не запрат со оние услуги што ги даваат на граѓаните и на приватниот сектор. Доколку сакавме да нанесеме штета ќе направевме штрајк. Владата секогаш од наша страна има подадена рака и ние само ги потсетуваме што побрзо да седнеме и да го решиме проблемот“,
рече тој.
Деаноски упати порака и до опозицијата, на која ѝ порача да не се „лепи на овие протести“ бидејќи овие партии имаа седум години додека беа на власт да го решат проблемот со платите.
„Но, наместо да го решат, направија сè што можат да го забранат колективното договарање, па дури и беа првата влада која поништи колективен договор“,
додаде претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Прашан дали имале поплаки од некои вработени дека имале притисоци за да не излезат на протест, Деаноски одговори потврдно, но не кажа за кои министерства станува збор.
„Деаноски: Во неколку министерства, да.
Новинар: Може да ги кажете кои се?
Деаноски: Во моментов не, ќе одговориме на тоа прашање до крајот на неделата“
Одговарајќи на новинарско прашање, Деаноски потврди дека прашањето за платите на вработените во органите на државната управа биле тема и на Економско-социјалниот совет, но на ниту еден состанок не добиле прецизен одговор дали, кога и како ќе го добијат покачувањето на платите што го бараат.
„Имавме два состанока на Економско-социјалниот совет, зборувавме за платите но секое наше барање да дознаеме дали ќе има покачување, колку ќе биде покачувањето ни беше одговарано дека се предвидени средства како што пропишува законот и општиот колективен договор. Точно не ни беше ниту кажано кога ќе биде, ниту како ќе биде, ниту во колкава висина ќе биде покачувањето. Секогаш зборуваме на Економско-социјалниот совет за плати, меѓутоа моментално добивме одговор на округло“,
рече лидерот на Синдикатот на УПОЗ.
Инаку, Деаноски изјавата ја даде од пред зградата на Министерството за култура и туризам, чии вработени во администрацијата се дел од оние што протестираат.
„Не случајно на вториот ден од протестите сме тука пред Министерството за култура. Во 2023 година токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата на Република Македонија со истите барања како и денес – потпишување колективни договори и зголемување на платите на вработените“,
рече тој.
Изјава даде и првиот човек на Синдикалната организација при Министерството за култура и туризам, Бранко Костовски кој рече дека платите на 70 проценти од вработените во ова Министерство се под просечната плата во државата.
„Синдикалната организација при Министерството за култура и туризам пред повеќе од две години има изготвено предлог-текст на колективен договор кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените во висина од 30 проценти, исто како и за вработените Министерството за финансии, Министерството за одбрана, Генералниот секретаријат на Владата, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата, Управата за јавни приходи (УЈП), Царинската управа, Државната администрација при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’. Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од останатите државни органи, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи“,
рече Костовски.

Државната администрација, кажа тој, не треба и не смее да се потценува со никакви квалификации, туку нејзината работа треба да биде признаена и вреднувана.
„Одговорноста на колегите секаде е голема, но да потсетиме дека Министерството за култура и туризам ја сервисира работата на 72 национални и 49 локални институции од културата, а во рамки на годишните конкурси на Министерството се обработуваат просечно околу 5 000 апликации, од кои барем половината следат сериозна одговорност, обврски, потпишување договори и нивно следење. Носиме сериозна одговорност и бараме сериозен пристап кон нашите барања“,
порача Костовски.
Протестите кои почнаа вчера ќе се одржуваат неделава од 11 до 11:30 часот, а во петок вработените во шесте министерства и двете институции ќе излезат на протест пред Министерството за финансии.