„Од првиот ден на нејзиниот мандат, Андоновска јасно ја покажува својата намера да го намали присуството на Албанците во оваа институција, започнувајќи со нивно разрешување од раководни позиции, нивно изолирање во посебни канцеларии и нивно нееднакво третирање во организацијата на работата“, се вели во соопштението од ДУИ
„Секогаш кога ДУИ реагира јавноста треба да знае дека штити криминал. И секогаш кога ДУИ реагира јавноста треба да знае дека оправдувањето со кое го покрива криминалот е нивната наводна загриженост за правата на Албанците“, реагираат од владејачката партија
Опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска преку писмена реакција излезе со обвинувања и наводи дека директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновски, води дискриминаторска политика со цел, како што велат, потчинување и исклучување на Албанците од институцијата со која раководи.

Од партијата на Али Ахмети реагираат на вонредниот инспекциски надзор на Државниот управен инспекторат, кој според нив бил инициран по анонимна претставка со „тенденциозна и антиалбанска содржина“. Вонредната инспекција оттаму ја оценуваат како организиран обид за отстранување на вработените Албанци и создавање амбиент во кој тие се третираат како граѓани од втор ред.
„Од првиот ден на нејзиниот мандат, Андоновска јасно ја покажува својата намера да го намали присуството на Албанците во оваа институција, започнувајќи со нивно разрешување од раководни позиции, нивно изолирање во посебни канцеларии и нивно нееднакво третирање во организацијата на работата. Оваа исклучувачка политика е неприфатлива и претставува директен напад врз еднаквоста и општествената кохезија“,
се вели во соопштението на ДУИ.
Во таа насока, оттаму велат дека нема да дозволат дискриминаторскиот пристап да помине без реакција и бараат од надлежните институции да преземат мерки за запирање на, како што наведуваат, оваа неправда.
„Етничката дискриминација нема место во ниту една јавна институција, а правата на секој граѓанин мора да се почитуваат без разлика“,
се додава во соопштението.

На наводите на ДУИ веднаш, исто така, преку соопштение реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека од партијата на Ахмети не реагираат затоа што им е грижа за состојбата на Албанците, туку затоа што Андоновска ставила крај на криминалот кој се правел во ИЈЗ, институција со која ДУИ раководела 15 години.
„Криминалците се криминалци, а ДУИ тоа го покажува секој ден, па и во реакцијата кон директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска која отворено се бори против затекнатиот братски криминал на ДУИ и СДС. Денес тие реагираат против директорката Марија Андоновска која спречи и исправи членови на ДУИ и СДС да седат дома, не одат на работа, а земаат плата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, ДУИ реагира и затоа што актуелната директорка на Институтот за јавно здравје го зголемила обемот на работа, ги зајакнала протоколите и ги затворила одливите на средства.
Во однос на вонредниот инспекциски надзор, според владејачката партија ДУИ реагира на него затоа што вработената администрација во оваа институција не полагала административен испит, иако тоа било предвидено според закон.

„Секогаш кога ДУИ реагира јавноста треба да знае дека штити криминал. И секогаш кога ДУИ реагира јавноста треба да знае дека оправдувањето со кое го покрива криминалот е нивната наводна загриженост за правата на Албанците. И кога тие зборуваат за дискриминација на Албанците знаете дека тогаш најмногу крадат. Со други зборови, криминалци се криминалци. За потсетување тоа а партијата каде Артан Груби е сè уште член“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.