За најуспешен тренер/селектор за 2024 година е прогласен Кирил Лазаров, кој ја води ракометната репрезентација, а најуспешна национална спортска федерација е Таеквондо федерацијата
Министерството за спорт вечерва ги додели наградите за најдобрите македонски спортисти, тренери и тимови за 2024 година. За спортист на годината е прогласен кикбоксерот Бобан Илиоски, а за спортистка таеквондистката Милијана Релиќ.

Илиоски наградата ја заслужи со освоеното прво место во категорија до 86 килограми на Европското првенство за кикбокс маитаи, што се одржа во Атина, додека Релиќ успеа да стигне до четвртфиналето на Летните олимпски игри што годинава се одржаа во Париз, Франција.
Во категоријата млад спортист на годината, наградата ја доби Силвио Мировски за неговото прво место во кикбокс маитаи во категоријата до 71 килограм на Светското првенство во Будимпешта. За млада спортистка на годината е прогласена ракометарката Ива Младеновска, која со својот тим го освои 18. место на Европското првенство што се одржа во Унгарија, Австрија и Швајцарија.
Најуспешен машки национален тим е ракометниот сениорски национален, кој го освои 17. место на Европското првенство во Германија. Најуспешен женски национален тим е ракометниот национален тим во сениорска конкуренција, кој стигна до 18. место на Европското првенство во Унгарија, Австрија и Швајцарија.

Наградата за најуспешен спортист – лице со инвалидитет ја доби Оливера Наковска-Бикова за нејзините две осми места во финалето на 10 метри воздушен пиштол и 25 метри спортски пиштол на Параолимписките игри 2024 во Париз.
За најуспешен тренер/селектор за 2024 година е прогласен Кирил Лазаров, кој ја води ракометната репрезентација, а најуспешна национална спортска федерација е Таеквондо федерацијата.
Признанието за најуспешен училиштен спортски клуб од основните училишта го доби основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ од Скопје, а најуспешен училиштен спортски клуб од средните училишта е средното училиште „Јане Сандански“ од Струмица.
Најуспешна универзитетска екипа за оваа година е машката кошаркарска екипа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Специјално признание за достоинствено претставување на земјава на Олимписките игри, светските и европските првенства, Лига на шампионите и бројни меѓународни ракометни натпревари добија ракометните судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.
Откритие на годината за талентиран млад спортист кадет за 2024 година е Теодор Стојановски, кој освои сребрен медал на Европското таеквондо првенство за кадети.
