По документирањето на случајот, против 19-годишниот Д.Г. ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од МВР
Деветнаесетгодишен жител на на беровското село Будинарци ноќеска бил уапсен откако полициска екипа во автомобилот што го управувал пронашла десет мигранти од Турција и Ирак, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Како што информираат оттаму, лицето се обидело да избега, но за кратко време било пронајдено и лишено од слобода.
„На 24.12.2024 во 00.50 часот во близина на локален пат Гевгелија – село Богородица, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишиле од слобода Д.Г. (19) од село Будинарци, Беровско. Претходно, во близина на Граничен премин ‘Богородица’, полициски службеници забележале дека во возилото ‘алфа ромео’ со кочански регистарски ознаки, кое го управувал, влегуваат повеќе лица мигранти. Д.Г. го запрел возилото и се обидел да побегне, но набргу бил пронајден и лишен од слобода“,
велат од МВР.
Од затекнатите мигранти, според полицијата, осуммина биле со потекло од Турција, а двајца од Ирак. Тие се сместени во прифатно-транзитниот центар во Гевгелија.
По документирањето на случајот, против 19-годишниот Д.Г. ќе биде поднесена соодветна пријава, додаваат од МВР.