Опозицијата смета дека трговците први ги зголемиле цените, а потоа мерките стапиле во сила, со што власта дозволила трговците да се богатат на грбот на граѓаните
Наместо да се намалат, сега цените се зголемија. Зголемените трошоци за живот се претворија во сериозен товар за македонските семејства, велат од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) коментирајќи ја новогодишната кошничка, како мерка со која во периодот пред и после празниците е предвидено да поевтинат одредени прехранбени производи.

„Основните прехранбени производи веќе не се достапни за сите, тие сега стануваат луксуз. Оваа состојба е директна последица на неспособноста и манипулациите на власта предводена од Мицкоски со наречените кошнички, кои немаат никаков ефект“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Опозицијата смета дека трговците први ги зголемиле цените, а потоа мерките стапиле во сила, со што власта дозволила трговците да се богатат на грбот на граѓаните.
„Измамата со новогодишната кошничка се гледа во маркетите. Наместо пониски, има повисоки цени. Ова се фактите: Цената на маслото за готвење 83 денари на 97 денари. Јајцата се продаваа од 75 до 85 денари, сега се над 100 денари, дури и за 140 денари за едно пакување. Кашкавалот од некои производители веќе надминува 600 денари за килограм. Јогуртот со 3,2 отсто масленост достигнува 72 денари“,
велат од опозицијата.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши минатата недела посети неколку маркети во Скопје посочувајќи дека цените на производите од новогодишната кошничка, која почна да на 15 месецов, се намалени за 10 отсто и повеќе.