На овие наводи на косовската претседателка реагира министерот за здравство Арбен Таравари, кој за порталот на албански јазик „Албаниан пост“ рече дека ја цени претседателката Османи, но оти му е жал што одвреме-навреме таа станува жртва на дезинформации
Косовската претседателка Вјоса Османи на заедничката пленарна седница на парламентите на Косово и на Албанија одржана во петокот повика на поголема соработка меѓу двете земји. Според Османи, важно е Албанија и Косово да ја обединат надворешната политика и соработката во одбрана на независноста на Косово, но и соработката за заштита на правата на Албанците, без разлика каде живеат. Османи, меѓу другото, кажа дека во Северна Македонија има тенденции за дестабилизација со одземање на веќе стекнати права на Албанците кои живеат во земјата.
„Додека разговараме и сме обединети во ова собрание, сè уште има тенденции да се разнишаат темелите врз кои е изградена Северна Македонија, односно да се дестабилизира оваа земја со одземање на веќе стекнатите права на Албанците кои живеат во оваа земја како конститутивен народ на Северна Македонија. Ние не треба ниту да молчиме, ниту да замижуваме пред овие јасни тенденции“,
рече претседателката на Косово, Вјоса Османи.
На ова реагираше министерот за здравство Арбен Таравари, кој за порталот на албански јазик „Албаниан пост“ рече дека ја цени претседателката Османи, но оти му е жал што одвреме-навреме таа станува жртва на дезинформации. Тој тврди дека нема ризик од кршење на правата на Албанците во Северна Македонија.
„Во Северна Македонија не постои никаква опасност од одземање на правата на Албанците, па дури со задоволство ја информирам Османи дека Албанците штотуку ги добија правата кои беа кршени 22 години“,
одговорил Таравари за порталот.
Претседателката на Косово и пред еден месец имаше слична изјава. Тогаш таа рече дека секој обид да се поткопаат правата на Албанците во Северна Македонија ќе наиде на одлучно противење и цврсто единство на Албанците од целиот Западен Балкан.
Инаку, изјавите на косовската претседателка се однесуваат на постапката во Уставниот суд на Република Северна Македонија по иницијативите за оценување на законитоста и уставноста на Законот за употреба на јазиците.