Носител на проектот е МРТ, а како копродуценти ќе бидат вклучени неколку национални телевизии од Балканот. Средствата за проектот, во износ од околу 95 милиони денари, ќе бидат обезбедени од Буџетот на земјава
Министрите за култура и за дигитална трансформација, Зоран Љутков и Стефан Андоновски, најавија нов проект посветен на животот и делото на македонската музичка легенда Тоше Проески. Ќе се снимаат игран филм, документарец и телевизиска серија во неколку продолженија кои ќе го проследат неговиот живот и мисија.
Носител на проектот е Македонската радио-телевизија (МРТ), а како копродуценти ќе бидат вклучени неколку национални телевизии од Балканот. Средствата за проектот, во износ од околу 95 милиони денари, ќе бидат обезбедени од Буџетот на земјава, преку Министерството за дигитална трансформација.
„Идејата потекна од МРТ и копродукции од Македонија и Балканот, но секако инспирацијата, иницијативата, главно ја предводеше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и во координација со Министерството за култура и со Министерството за финансии, во експресно брза постапка се обезбедија средства”,
рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во утринското гостување на МРТ.
Проектот ќе се одвива во наредните две години, прво во подготовка, а потоа и во снимање.
„Согласноста од семејството на Тоше е потврдена и ние сме подготвени да ја разоткриеме неговата приказна!“
порача министерот за култура Зоран Љутков во објава на Фејсбук.