Градоначалничката смета дека санацијата нема да трае повеќе од редовна санација на кој било дефект во градот и согласно тоа, како што вели, нема да има потреба од дотур на вода
Скопската градоначалничка Данела Арсовска очекува санацијата на дефектот во скопски Карпош, поврзан со главната водоводна цевка во Скопје, да биде завршена во текот на едно деноноќие. Интервенцијата на екипи на ЈП „Водовод и канализација“ најавена за в сабота, според Арсовска, не би требало да трае повеќе од една редовна санација на кој било дефект во градот и согласно тоа, како што вели, нема да има потреба од дотур на вода.
„Овој дефект е еден од четирите што ќе се санира и ќе биде завршен во текот на викендот. Нема да има никаква потреба од дотур на вода, затоа што нема да трае ништо повеќе од една редовна санација на кој било дефект којшто го имаме во градот. Сите оние што сакаат од политички или какви било други побуди да креираат неизвесност или, пак, страв меѓу населението апелирам тоа да не го прават затоа што службите коишто работат во градот и согласно онаа студија што ја изготвивме за состојбата во која се наоѓаат магистралните цевководи мислам дека апсолутно ќе биде завршено во текот на едно деноноќие“,
изјави Арсовска одговарајќи на новинарски прашања по настанот за засадување дрвца кај новиот Мегапарк во Карпош.
Повеќе од една деценија, додаде таа, се одложувало санирањето кое е неопходно за да постои мрежа што ќе трае и во наредните 50 години на истиот начин на кој ги опслужувала граѓаните и досега.