Освен на Детската клиника, директорот на ДСЗИ најави дека инспекторите вршат вонредни инспекциски надзори и на другите клиники што се наоѓаат во комплексот „Мајка Тереза“
Инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска вршат вонреден инспекциски надзор на Универзитетската клиника за детски болести, соопшти денеска директорот на Инспекторатот, Кирил Лазов.
Надзорот доаѓа откако вчера имаше информација дека на Клиниката починало седуммесечно бебе кое имало оштетување на повеќе органи по што дошло до влошување на состојбата.
„Во текот на денешниот ден издаден е налог за единечен вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести со сознанија за починато седум месечно бебе кое според искажувањата на актуелниот директор било донесено со тешки оштетувања на повеќе органи. По утврдување на фактичката состојба во делот на приемот, на давање на здравствена заштита, како и евидентирање, ние во текот на утрешниот ден ќе излеземе со поконкретни податоци“,
рече Лазов.
Прашан дали на Клиниката веќе имаат постапено по забелешките што им биле укажани од Инспекторатот, а се однесуваат за претходните случаи со починати бебиња и деца, Лазов рече тоа делумно е направено.
„По наложените мерки направивме контролен инспекциски надзор каде утврдивме дека делумно е постапено во делот на организацијата, како и делот на времените лиценци и факсимили за специјализантите. Издаден беше платен прекршочен налог, роковите течат, а во периодот што следи повторно ќе направиме вонреден и контролен инспекциски надзори“,
додаде директорот.
Тој најави дека инспекторите вршат вонредни инспекциски надзори и на другите клиники што се наоѓаат во комплексот „Мајка Тереза“.
За неколку месеци ова е четврто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со петтгодишно девојче кое почина од воспаление на мозокот.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и тогаш извршија вонреден инспекциски надзор.
По смртта на петгодишното девојче, од Детската клиника на нивниот фејсбук-профил рекоа дека тимот на доктори максимално се трудел околу состојбата на детето и постапувал со највисок професионализам, но за жал немало успех.
Пред овој случај на Клиниката почина и 14 месечно бебе, а двајца доктори специјалисти од Детската клиника времено беа отстранети од работа од установата додека за нив се води дисциплинска постапка согласно членот 192 од Законот за здравствена заштита.