Премиерот не одговори директно на прашањето дали има сознанија оти во случајот со Лотарија е вмешан и експремиерот Димитар Ковачевски. Рече дека има некои начелни информации, се воздржа од каков било дополнителен коментар и додаде дека ќе почека МВР официјално да се произнесе
Постојат основани сомненија за злоупотреба и сторен криминал во „Државна лотарија“ на поедини високи владини функционери од минатите состави на Владата. Ова денеска на прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања, го изјави премиерот Христијан Мицкоски. Не изнесе повеќе детали бидејќи, како што рече, засега не е запознаен и го чека официјалното соопштение на Министерството за внатрешни работи.
Мицкоски не одговори директно на прашањето дали има сознанија оти во случајот со Лотарија е вмешан и експремиерот Димитар Ковачевски.
„Денот го започнав со серија состаноци и не сум имал можност да контактирам со луѓето од МВР. Последната комуникација беше рано утринава. Имам некои начелни информации, но би се воздржал од каков било коментар додека не дојде официјално соопштение од МВР. Кажавме дека ќе има силна робусна борба против криминалот и корупцијата за кои постојат основани сомненија дека се случиле“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарското прашање.
Оваа, како што ја нарекува тој, робусна борба против криминалот и корупцијата, рече дека започнала со елиминирање на т.н. терористичка ќелија за која постоеле сомненија за нарушување на безбедносната состојба, а продолжила со акцијата во која има осомничени за низа кривични дела сторени во минатото, меѓу кои и убиства.
„Ја користам можност на сите граѓани да им се извинам кои биле сведоци на непријатностите во текот на ноќта, но верувајте постоеја основани сомненија кои можеа да бидат контаминирани и поради тоа мораше таа полициска акција да се случи. Верувајте дека многу од случаите во минатото ќе бидат сега откриени и обелоденети, зборувам фатални случаи, со убиства итн.“,
додаде Мицкоски.
Додаде дека сите три акции во текот на изминатите денови биле спроведени во соработка и целосна координација со стратегиските партнери.
На новинарско прашање за коментар на реакцијата на ДУИ, оти една од акциите била насочена против Албанците, а не против криминалот, премиерот вели дека изјавите на ДУИ се чудни бидејќи, како што рече, една од акциите е против група за која постои основано сомнение за криминални активности од највисок степен, меѓу кои и убиства.
„Жртви на тие убиства беа Албанци. Еве, ако треба ова веќе вака да се коментира нивната порака. Јас не можам повеќе да додадам бидејќи дури и овие луѓе, за кои постојат основани сомненија, има пресумција на невиност. Има процес, тој ќе се докажува. Но оваа порака од ДУИ дури не е ни дневна политика ниту голо политиканство. Срамна е за политичка структура која 20 години била дел од процесите и точно знае како функционираат. Тоа е нивна политика и ако мислат дека добиваат, кој сум јас да им судам. Тие си знаат, искусни политичари се“,
рече Мицкоски.