Главниот градски цевковод, додаваат од Претпријатието, ќе биде затворен до завршување на интервенцијата
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ на 21 декември ќе го затвори главниот градски цевковод Ф1600 мм, кој се наоѓа во кругот на касарната во скопската населба Ѓорче Петров. Причина за затворањето, како што велат оттаму, е санирање на дефектот поради кој неколку дена има излевaње на вода на улицата „Никола Парапунов“ во населбата Карпош 4.
Главниот градски цевковод, додаваат од Претпријатието, ќе биде затворен до завршување на интервенцијата.
Од „Водовод и канализација“ велат дека имаат изготвено сложен оперативен план за санација, а покрај оваа локација опфатена е поправка и на уште три дефекти на затворачи по должината на главниот цевковод Ф1600 мм и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар „Партизански одреди“ со улицата „Никола Парапунов“.
„Затвoрање на вода на главниот градски вод Ф1600 мм се прави еднаш на педесет години, а последно такво затворање било во 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. За решавање на дефект од овој тип се изготви оперативен план со кој поефикасно и побрзо ќе се санира“,
се вели во соопштението од „Водовод и канализација“.
Со реализацијата на овој зафат, покрај тоа што се врши санација на овие дефекти, од Претпријатието велат дека директно ќе се намали и загубата на вода од нивно протекување и ќе се овозможи ревитализација на потегот од Ѓорче Петров до Карпош.
„Системска промена на пет децении стари затворачи и рехабилитација на хидротехничката опрема е потребна со цел зголемување на трајноста на водоводната мрежа и подобрување на нивото на притисок во водоводната мрежа. Со воспоставување на зони како адекватен метод за контрола на загубите на вода се овозможуваат услови за значително редуцирање на времето потребно за санација на дефекти, а овој зафат е дел од фундаменталната стратегија во намалување на загубата на вода во водоводниот систем“,
додаваат од „Водовод и канализација“.