Индивидуалната одговорност е камен темелник на една модерна, непристрасна и демократска држава, вели лидерот на крилото на Алијанса за Албанците кое е дел од коалицијата предводена од партијата на Груби, ДУИ
Ставањето на поранешниот прв вицепремиер, Артан Груби и на судијата во Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети на американската црна листа, вечерва преку социјалните мрежи го поздрави и лидерот на крилото на Алијанса на Албанците кое е дел од коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, Зијадин Села.
Воедно, Села во објавата на Фејсбук, ги повика Груби и Беџети да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и да се соочат со обвиненијата.
„Алијансата за Албанците во континуитет е еден од политичките актери кои јавно ги осудуваа врските на судството со политиката и олигархијата, затоа и денеска ја поздравуваме одлуката на САД, најважниот стратешки партнер на РСМ и албанскиот народ. Борбата против корупцијата означува важен чекор во градењето на владеењето на правото и нашата иднина. Ги повикуваме апострофираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани“,
напиша Села.
Индивидуалната одговорност, додава тој во објавата, е камен темелник на една модерна, непристрасна и демократска држава.
„Алијансата за Албанците и јас, како нејзин претседавач, остануваме доверлив и лојален партнер на САД, споделувајќи ги заедничките вредности на демократијата, слободата и изградбата на владеењето на правото“,
вели Села.
Артан Груби и судијата Енвер Беџети се најдоа на листата на санкционирани од САД поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, кој веќе се наоѓа на „црната листа“.
Во врска со нивното санкционирање, американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер преку објава на социјалните мрежи, меѓу другото, порача дека политичкото мешање во судството не може и нема да се толерира.
„Денешното именување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нарушува довербата на јавноста. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок“,
напиша Агелер.