Лидерот на ДУИ во обраќањето пред насобрани партиски членови и симпатизери го прозва и премиерот Христијан Мицкоски, од кого, како што рече, очекувал да излезе и да каже дека е за соживот, дека го почитува албанскиот народ и да го унапреди албанскиот јазик и во меѓународна употреба
На 11 декември, ние бараме Уставниот суд, ако е навистина Уставен суд кој дели правда, ако е суд кој размислува за демократија во државава, за мир и стабилност, а не е суд кој става бензин врз огнот, да ги отфрли сите 13 иницијативи, да нѐ остави на раат да си одиме дома. Нема да има мир ако не биде така. Ова вечерва во своето обраќање пред поддржувачите и членовите на ДУИ кои од вчера „стражарат“ пред Уставниот суд, го порача лидерот на партијата, Али Ахмети.

Дека Ахмети заедно со дел од лидерите и високи претставници на коалицијата „Европски фронт“ ќе учествуваат во спроведувањето на т.н. иницијатива „Стража на јазикот“, а во пресрет на седницата на Уставен закажана за в среда, беше соопштено по денешната вонредна седница на Централното претседателство на партијата, на која се одлучувало за натамошните чекори на партијата во врска со ова прашање.
„Далеку рацете од промената на Законот за јазиците. Ако сте добри и визионерски политичари, вие ќе го унапредевте јазикот, а не да го укинувате… Ние сакаме мир, ние сакаме демократија, ние сакаме слобода. Ја сакаме за сите. Сакаме нашата земја да биде секогаш напредна и што е можно поблиску до Европската Унија“,
порача Ахмети на собирот.
Во своето обраќање тој се осврна и на судиите во Уставен, велејќи дека ДУИ гласал за нивниот избор, а двајца од нив, како што рече, се предлози на поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов.
„И претседателот на Уставен (Дарко Костадиновски н.з.) е предлог на Иванов. И токму Иванов не го потпиша указот за Законот за албанскиот јазик, исто како што не го потпиша и указот за Преспанскиот договор. Но, за Преспанскиот се постигна договор да се затвори, додека Законот за албанскиот јазик остана отворено прашање и тие 13 иницијативи не беа отфрлени“,
рече Ахмети.
Лидерот на ДУИ во обраќањето пред насобрани партиски членови и симпатизери го прозва и премиерот Христијан Мицкоски, од кого, како што рече, очекувал да излезе и да каже дека е за соживот, дека го почитува албанскиот народ и да го унапреди албанскиот јазик и во меѓународна употреба.
„Зошто ова не го направи, туку цело време, веќе седум години, велеше дека Македонците имаат изгубено многу од владеењето со Албанците? Зошто, г. Христијан, ти и многу други политичари и аналитичари во земјава ме обвинувате и мене и Албанците зошто дојде до војната во 2001 година? Војната престана со компромисот кој не ги задоволи страните. И ние сме незадоволни од компромисот, но компромисите се најдоброто решение, како за нас, така и за вас. Затоа почитувајте го Охридскиот рамковен договор и немојте да допирате во сржта на Албанците затоа што не е добро ниту за вас ниту за нас. Оваа држава е заедничка и не може да има само една страна којашто ќе доминира“,
рече Ахмети.
Тој му порача на претседателот на Владата дека не излегуваат за да бранат корупција и криминали затоа што и претходно повикувале на ветинг на сите.
„Да ги испитаме сите политички партии, да ги испитаме сите функционери, да испитаме целата приватизација како беше направена, ајде повелете. Немојте да го заморувате народот со тоа дека овие се корумпирани и се плашат од судовите. Нам око не ни трепнува за тоа“,
рече Ахмети.
Пред насобраните граѓани се обратија и Зијадин Села, кој е предводник на крилото на Алијанса за Албанците, како и лидерот на Европската демократска партија, Аријанит Хоџа.
„Ова не е партиски собир. Тука не се собрани политички партии, ова се граѓаните, ова е нарадот, ова се Албанците. Ако се чепка во тоа што е свето за нас, а тоа е јазикот, што е идентитет, што е култура, што подразбира сè за нас Албанците тука во Северна Македонија. Жално е што Уставниот суд во историјата од независноста на државата по третпат станува алатка за креирање на меѓуетнички тензии и за враќање на тоа што ние сме го добиле и што ни следува како право, а тоа е албанскиот јазик. Ние тој јазик сме го употребувале во Собрание, во Влада, во институции, никому не му направил никакво зло, на никого не му наштетил и не му одзел никакво право, така што сè додека не ги добиеме гаранциите дека нема да се чепка Законот за употреба на албанскиот јазик, ние ќе останеме тука со народот и ќе го одбраниме со сите наши сили“,
рече Хоџа.