На вечерашната Свечена академија во Музејот на македонската борба за самостојност, претседателката порача дека за праведно и солидарно општество, потребно е навраќање на вредностите на Свети Климент Охридски

Претседателката Гордана Силјановска Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, што се одржа вечерва во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје порача дека за праведно и солидарно општество, потребно е навраќање на вредностите на Свети Климент Охридски.
Пред присутните, Силјановска Давкова потенцираше дека сите треба да сме сплотени околу светиклиментовите заложби и да им помогнеме на современите ранливи категории – на социјалните случаи, бездомниците, бегалците, жртвите на семејното насилство, непријавените работници.
„Свети Климент со своите слова и поуки настојувал да изгради нов човек со нови благородни навики и речиси и да нема светиклиментова проповед без повик за одговорно однесување кон ближните и тие што страдаат. На народот му дал духовен и етички компас за да може полесно да се ориентира во столетијата во кои се менувале царства, власти и системи и да опстане во сите средини“,
рече во својот говор Силјановска Давкова.
Но, рече таа, 11 века подоцна вредностите и навиките всадени од Свети Климент исчезнуваат пред нашите очи и живееме во време на нарушени меѓучовечки односи, наместо хуманост и дарежливост се пораширена е опседнатоста со парите, статусот и себељубието.
„Ова е време во кое чесните се игнорирани, додека аздисаните се емитирани. Во Европа сме во последните според нивото на волонетерство и на граѓански активизам. Како што корупцијата го загрозува владеењето на правото, така и експлоатацијата ги загадува почвите, водите, воздухот. Сведоци сме на повеќедецениска трка за узрурпирање на јавниот простор и присвојување на општото добро. Сето тоа на штета на иднината на младите генерации. Овие состојби не се сегашни, туку не следат со години и децении, а сега добиваат алармантни пропорции“,
рече претседателката, додавајќи дека блокадите и билатерализацијата на европската интеграција придонеле за тоа.
Денешниот празник уште е и повод да го разбудиме светиклиментовото во секој од нас, а на сегашните и идните геренерации да им помогнеме да напредуваат само со своите знаења, вештини, квалитети, а не со врски и протекции.
„Ако сакаме македонското општество да биде праведно и солидарно, а Македонија да ја направиме пристојно место за живеење мора да се навратиме на вредностите на Свети Климент Охридски. Верувам дека само така ќе можеме да се наречеме вистински наследници на нашиот голем учител, светител и просветител Свети Климент Охридски“,
рече претседателката Гордана Силјановска Давкова.
На академијата се обрати и поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г.г Стефан, а присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, членови на Владата, поранешниот претседател Ѓорѓи Иванов како и пратеници, претставници на државни институции, судската власт, на дипломатскиот кор, академската заедница.