Кога веќе знаат дека нема да се случи ништо, бидејќи ги знаат процедурите на Судот, додаде премиерот, од ДУИ ќе излезат во јавноста за да кажат дека поради нивните притисоци не се случило ништо на седницата на Уставниот суд закажана за в среда
ДУИ многу добро знае дека в среда, на седницата на Уставниот суд, нема да се случи ништо, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со претстојната седница на Уставниот суд на која ќе се разгледуваат оспорените одредби од Законот за употреба на јазиците.

Кога веќе знаат дека нема да се случи ништо, бидејќи ги знаат процедурите на Судот, додаде Мицкоски, ќе излезат во јавноста за да кажат дека поради нивните притисоци не се случило ништо на седницата закажана за в среда.
„За да се случи што било, за да што било се направи, потребни се уште неколку чекори за да се дојде до каква било акција. Во среда нема ништо да се случи затоа што има процедури, подготвителни седници итн. Но ДУИ повторно ги злоупотребува Албанците, но и Македоцните и останатите заедници во државата, ги малтретираат со обид за поделба и да привлечат внимание кон себе“,
изјави премиерот на денешната прес-конференција во Владата.
Мицкоски обвини дека ДУИ се обидува да ги подели граѓаните, што, како што рече, јасно се гледа од фотографиите објавени од коалицијата „Вреди“ на која високи претставници на Демократската унија за интеграција се во друштво на лицата кои минатата недела го сквернавеа државното знаме. Имаме јасен индикатор, рече Мицкоски, кој стои зад сето тоа, а со информациите со кои располага МВР истото се потврдува.
„Затоа ги молам сите граѓани да бидат спокојни. Тие ќе продолжат во периодот што следи со политички маневри на истата оваа тема. Ние сме отпорни на ова, ги знаеме нивните следни чекори, знаеме што планираат да прават, јасно работиме со нашите стратегиски меѓународни партнери, така што, ги уверувам граѓаните да бидат спокојни. Ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомненија за сторен сериозен криминал, кои набрзо од денеска ќе почнат да се обелоденуваат“,
рече Мицкоски, додавајќи дека без разлика колку ќе трае борбата, ќе бидат поразени и „едните и другите“.
Во врска со Законот за јазиците Мицкоски рече дека се водат разговори со коалицискиот партнер „Вреди“.
Прашан дали Законот може да се врати во Собранието на доработка за да се подобри, премиерот вели:
„Секоја процедура мора да има крај. Ние не можеме да речеме дека не важи. Единствено тие што ја поднеле можат да ја повлечат или Уставниот суд да ја отфрли како нерелевантна. Па дури потоа ние може да зборуваме дали, како, што, и да влегуваме во зона на претпоставки. Дотогаш, ве молам да не се грижите, безбедносната состојба е под контрола. Ќе има обиди, од истите овие луѓе, точно ги знаеме кои се, точно знаеме со кои групи комуницираат и како комуницираат, точно знаеме сѐ. И ние, но и нашите стратегиски партнери, бидејќи во оваа работа не сме сами. Добиваме, даваме и разменуваме информации и ќе се одбраниме и ќе ги поразиме“,
додаде Мицкоски.
Опозициската ДУИ најави дека в понеделник на состанок на највисокото партиско раководство ќе одлучува за натамошните чекори и конкретните мерки во контекст на претстојните одлуки што треба да ги донесе Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците на седницата закажа за среда, 11 декември.