Дополнително, како што објави ТВ 21, ДУИ испратила писмо до ЕУ, САД и НАТО во кое од изразува загриженост дека евентуалното укинување на одредби од Законот за јазиците би ја поткопало меѓуетничката хармонија и би го нарушило, како што се вели, кревкиот баланс кој над две децении обезбедува стабилност и соживот
Највисокото партиско раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) најави дека ќе се состане в понеделник, два дена пред закажаната седница на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците, со цел, како што велат од партијата, да се донесат одлуки за натамошните чекори и да се дефинираат конкретни мерки за спречување на обидите на Владата за дестабилизација.

Ваква одлука била донесена на вчерашниот состанок на претседателството на ДУИ кој бил свикан за проценка на, како што се вели, загрижувачката ситуација предизвикана од претстојната седница на Уставниот суд.
„Закажаната седница на Уставниот суд на 11 декември има за цел да го укине Законот за употреба на јазиците и, преку тоа, да го поништи Охридскиот рамковен договор и мирот што тој го воспостави. Тесното раководство оцени дека овие постапки се дел од оркестрирана кампања на нелегитимната влада и претставуваат сериозна закана за стабилноста на земјата и меѓуетничката хармонија“,
наведуваат од ДУИ во партиското соопштение.
Повторија дека последиците би биле незамисливи во случај на укинување на одредбите од Законот за јазиците и ги повикаа сите актери вклучени во овој, како што велат, монструозен и крајно опасен план, да ја прекинат „оваа лудост“.
Дополнително, како што објави ТВ 21, ДУИ испратила писмо до ЕУ, САД и НАТО во кое од изразува загриженост дека евентуалното укинување на одредби од Законот за јазиците би ја поткопало меѓуетничката хармонија и би го нарушило, како што се вели, кревкиот баланс кој над две децении обезбедува стабилност и соживот.
Во писмото ДУИ ги повика меѓународните партнери, кои беа посредници во потпишувањето на Охридскиот договор, да ги искористат своите дипломатски капацитети и да обезбедат зачувување на неговите темели. Исто така, во писмото се нагласува дека поддршката на меѓународната заедница е клучна за зачувување на мирот, стабилноста и евроатлантската перспектива на Северна Македонија.