Да почекаме, додаде Мицкоски, да дојде 11 декември, за да видиме како ќе се развива и еволуира ситуацијата по седницата на Уставниот суд закажана за овој датум. За судиите во Уставниот суд рече дека се кадри избрани од претходната власт на СДСМ и ДУИ, кои сега токму ДУИ ги критикува
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не постои опасност по безбедноста во државата по денешното предупредување на Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека доколку Уставниот суд одлучи да ги укине оспорените одредби од Законот за употреба на јазиците, последиците ќе бидат непоправливи.

„Сме предупредувале дека има обиди да се наруши безбедноста и ова е еден од тие обиди. Има некои места каде што се состануваат поединци кои сакаат да направат безбедносна тензија. Ние како држава и Влада ќе сториме се за да гарантираме безбедност. Свесни сме дека сакаат да не влечат назад во политичкото мочуриште и во минатото, но граѓаните да бидат сигурни дека многу анализираме и работиме со нашите стратешки партнери. Ниту тие ниту Владата ќе дозволи да има какви било безбедносни проблеми“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
Да почекаме, додаде Мицкоски, да дојде 11 декември, за да видиме како ќе се развива и еволуира ситуацијата по седницата на Уставниот суд закажана за овој датум. За судиите во Уставниот суд рече дека се кадри избрани од претходната власт на СДСМ и ДУИ, кои сега токму ДУИ ги критикува.
Во врска со членовите од Законот за јазиците оспорени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели:
„Тоа што го зборувавме со трите члена, тоа е оспорено. Инаку, има и други иницијативи, но зборуваме за таа иницијатива што е во моментов актуелна.“
Во пресрет на седницата на Уставниот суд закажана за в среда на која ќе се разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците, од ДУИ денеска предупредија на непоправливи последици во случај на укинување на која било одредба од законот, велејќи дека нема да може да преземат одговорност за тоа што може да се случи потоа.