Во пресрет на седницата на Уставниот суд закажана за в среда, на која ќе се разгледува уставноста на Законот за јазиците, од ДУИ предупредија дека ако се укине, последиците ќе бидат непоправливи и тие нема да можат да преземат одговорност за тоа што може да се случи потоа
Укинување на која било одредба од Законот за употреба на јазиците не е само правен чин, туку директен удар врз стабилноста и мирот на државата – коменираат од опозициската ДУИ во пресрет на седницата на Уставниот суд закажана за в среда на која ќе се разгледува уставноста на овој закон.

„Овој закон е производ на сложен компромис, постигнат по години на макотрпни преговори и претставува темел на меѓуетничката еднаквост и заемната почит. Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина“,
велат од Демократската унија за интеграција.
Од ДУИ предупредија дека ако Уставниот суд одлучи да го укине Законот за јазиците, кого го оквалификуваа како еден од клучните столбови на Охридскиот договор и меѓуетничката хармонија, последиците ќе бидат непоправливи и ти тие нема да можат да преземат одговорност за тоа што може да се случи потоа.
„Уставните судии од албанска етничка припадност јавно изјавија дека ќе ја бојкотираат оваа седница и одлучување, што го прави уште поопасно едностраното решение за укинување на одредбите од Законот за јазиците. Овој бојкот е јасен показател дека ваквите напори за укинување на 10 члена од овој закон имаат длабоко дискриминаторска природа и целат на ‘поништување’ на албанскиот јазик на институционално ниво“,
додаваат од партијата.
Оттаму упатија апел до граѓаните, политичките лидери и меѓународната заедница да дејствуваат за да го спречат чинот кој, како што велат, ја загрозува стабилноста на земјата и регионот.