Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека се барало од Бирото за јавни набавки да се даде позитивно мислење за непосредна спогодна и дека тоа се овозможило

Во ЈСП „Скопје“ денеска било одлучено да се реализира интервентна набавка на нафта во вредност од 120 милиони денари без ДДВ. Набавката е извршена од „Пуцко петрол“ кој бил единствениот понудувач, а е избран во четири очи без објавен тендер, пренесува „Телма“.
Оваа итна постапка, како што се додава, била одобрена од Бирото за јавни набавки по налог на Владата. Интервентната набавка ќе се спроведува до склучување на редовен договор преку тендер.
Но, според информациите на телевизијата, тендерот денеска бил поништен од страна на комисија на претпријатието, а причина за тоа е што на јавниот повик се пријавил еден понудувач со некомплетна документација, односно без да приложи банкарска гаранција од најмалку 3 отсто.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања рече дека се барало од Бирото за јавни набавки да се даде позитивно мислење за непосредна спогодна и дека тоа се овозможило.
Во однос на тендерот, Мицкоски рече дека доколку тој пропадне ќе мора повторно како Влада да помогнат со одредена позајмица да интервенираат за ЈСП.
„Како влада нема да седиме и немо да набљудуваме што ќе се случува. Но, се поставува прашањето до кога вака. Навистина треба да се поведе повеќе сметка околу процесот на децентрализаицја, зашто ако некој не може тоа да го прави, тогаш да интервенираме законски, барем да ги преземеме ингеренциите и да ја стабилизираме состојбата“,
рече Мицкоски.
Проблемот со јавниот превоз во Скопје стана алармантен на 21 ноември откако автобусите на ЈСП „Скопје“ престанаа да возат поради немање нафта. Низ скопските улици можеше да се забележат само оние автобуси што возат на метан.
За надминување на проблемот, Владата на вонредна седница донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, поради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Со таа одлука на Град Скопје му беше позајмено гориво за седум дена од државните нафтени резерви. Резервите на нафта што Владата ги отстапи од државните резерви беа доволни за седум дена, а во меѓувреме беше распишан нов тендер за набавка на нафта за ЈСП „Скопје“ по поништувањето на првиот тендер поради што главниот град се најде во ваквата ситуација.
Истиот ден, советниците во Град Скопје, на вонредна седница, со 29 гласа „за“, усвоија заклучок со кој предложијат поддршката од Владата за ЈСП „Скопје“ да може редовно и нормално да функционира и да ја обавува дејноста за кое е основано претпријатието, да продолжи и во иднина.