Резултатите на тестирањето, според МОН, покажале дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени за учениците да можат да ги подобрат знаењата

Учениците од четврто одделение, кои учат на македонски и албански наставен јазик, на меѓународното ТИМСС-тестирање во 2023 година во математичка писменост се рангирани на 44. место од 58 држави, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).
Во природни науки, пак, додаваат од МОН, рангот е на 47. место од истиот број држави.
Резултатите на тестирањето, според МОН, покажале дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени за да можат учениците да ги подобрат знаењата.
Подобрување на резултатите на државата на меѓународните тестирања од МОН велат дека ќе дојде само како резултат на реално подобрување на квалитетот на целиот воспитно-образовен систем.
„Во сè поголем број училишта реализираме продолжен престој во училиште, како можност за повеќе наставни и воннаставни активности, подобро совладување на материјалот, стекнување на нови вештини, развивање на интереси“,
се вели во соопштението од МОН.
Оттаму додаваат дека преку процесот на оптимизација се гради ефикасна училишна мрежа која ќе доведе до најдобар успех на учениците со рационално користење на ресурсите.
Како друга мерка што ќе доведе до подобро рангирање на меѓународните тестирања од МОН велат дека е реформирањето на гимназиското образование, проширувањето на концептот на дуално образование и развивањето нови регионални центри за стручно образование и обука.
ТИМСС (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите што влијаат на тие постигања.
Минатогодишното тестирање во С Македонија беше по петти пат и за првпат електронски.
Инаку, во меѓународни рамки, Сингапур го држи првото место и по математичка писменост и по наука.
