Претходно контрола била извршена во сите виши јавни обвинителства во државата, а до крајот на годината, според најавите на државното обвинителство, надзор над постапувањето ќе се врши и во Одделението за меѓународна правна помош и над Канцеларијата за врски со Европравда во ЈОРСМ
Јавните обвинители од републичкото Јавно обвинителство денеска вршат контрола во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Надзорот, како што соопштија од Јавното обвинителство на РСМ, е по одлука на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски.

„Надзорот се врши во согласност со член 21 од Законот за јавното обвинителство и Правилникот за вршење надзор над работата и постапувањето на јавните обвинителства донесен од Советот на јавните обвинители“,
соопштија од ЈОРСМ.
Претходно контрола била извршена во сите виши јавни обвинителства во државата, а до крајот на годината, според најавите на државното обвинителство, надзор над постапувањето ќе се врши и во Одделението за меѓународна правна помош и над Канцеларијата за врски со Европравда во ЈОРСМ.
Вчера државниот обвинител Љупчо Коцевски објави дека ги задолжил сите јавни обвинители итно да стават приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес. Во рамки на своите надлежности тој најави реорганизација на силите во ЈО која ќе овозможи поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела, особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата.
Ваквите најави следуваат по зачестените критики од власта, особено од премиерот Христијан Мицкоски, за неактивност на Обвинителството во полето на криминалот и корупцијата.