Целата стока е запленета на граничните премини при влез во државата, но и при контрола од мобилни тимови на царински испостави

Делови за мобилни телефони, масло од црно семе, играчки, школски прибори, фиберскопи за индустриски цели, облека, обувки, тротинети и електричен алат, но и производи од заштитени трговски марки е дел од заплената на царинските службеници од минатата недела.
Целата стока е запленета на граничните премини при влез во државата, но и при контрола од мобилни царински тимови.
На граничниот премин „Блаце“, во автомобил управуван од македонски државјанин, пронајдени биле 16,5 литри масло од црно семе и 1 250 капсули со масло од црно семе, велат од Царинската управа.
На истиот граничен премин, додаваат од Царина, биле најдени и 682 маски за мобилни телефони, како и 61 кабел, 10 слушалки, држачи, полначи и стаклени фолии за мобилен телефон, а кои биле скриени во автомобил управуван од македонски државјанин.
Во автобус што сообраќал од Дортмунд, цариниците на граничниот премин „Табановце“ во торбата на патник откриле 21 фиберскоп за индустриски цели, како и обувки и радиоапарати за автомобил.
На „Табановце“ бил спречен обид за шверц на облека, обувки, тротинети и електричен алат, а стоката била откриена при контрола на камион со бугарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин против кого, како што велат од Царинската управа, е поведена соодветна постапка.
Од страна на мобилен тим, се додава во соопштението од Царинска управа, во автобус со македонски регистарски таблички кој сообраќал на релација Швајцарија – Македонија, а кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин „Табановце“, биле откриени 80 пакувања ленти за дихтување што се пронајдени во четири куфери.
Царинските службеници од граничниот премин „Богородица“, минатата недела спречиле шверц на 55 парчиња облека кои биле пронајдени во патни торби што биле товарени во автомобил. На овој премин, во автомобил со кој патувал брачен пар од Србија, биле најдени 840 метални чаури за хидраулични црева.
При контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинска испостава „Скопје 3“ и „Куманово“, мобилни тимови во три одделни случаи заплениле речиси 3 000 играчки, школски прибори и 50 блутут-слушалки со ознаки на заштитени трговски марки.