Тимови на Канцеларија за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) влегле во неговата куќа во Загреб нешто пред 7 часот изутрина и започнале претрес. Европските обвинители соопштија дека тие покренале акција против Берош и уште седум лица заради криминално здружување, наведувајќи дека Берош примил мито
Згрозен од идејата дека некој во здравствениот систем би ја користел својата положба за лично богатење или за да му удоволува на некој друг, изјави денеска на прес-конференција хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по апсењето на сега веќе поранешниот министер за здравство на Хрватска Вили Берош.
Тимови на Канцеларија за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) влегле во неговата куќа во Загреб нешто пред 7 часот изутрина и започнале претрес. Европските обвинители соопштија дека тие покренале акција против Берош и уште седум лица заради криминално здружување, наведувајќи дека Берош примил мито.
„Како што знаете, утринава беше уапсен поранешниот министер Вили Берош и уште две лица, во рамки на акција на УСКОК, за што ме информираше главниот државен обвинител. Не сум запознаен со деталите. Очигледно станува збор за коруптивни кривични дела. Она што сакам да го кажам во име на Владата е дека надлежните органи треба сè да истражат. Како претседател на Владата, лично сум згрозен од идејата дека некој во здравствениот систем би ја користел својата положба за лично збогатување или за да му удоволува на некој друг. Станува збор за незаконско дејствување на министерот и некои други службеници во здравството. Тоа е особено чувствителен ресор и тема. Министерот Берош доби доверба од мене и од граѓаните да се грижи за здравството и да управува со ресурсите на законит начин, за да им се обезбедат најдобрите услуги на сите пациенти“,
рече Пленковиќ.
Според него, ова може да се смета за чин на предавство и порача дека нема место за корупцијата, без разлика за кого станува збор.
„Ниту тој, ниту кој било друг, не доби мандат за злоупотреба на системот и извршување кривични дела. Иако ова е непријатен момент за Владата, целосно ја поддржуваме истрагата. За корупцијата нема место, без разлика за кого станува збор. Ако се докаже дека обвинувањата се точни, ова го доживувам како чин на предавство на личната доверба што ја имав во него овие пет години, откако му ја укажав честа да биде министер. Се надевам дека овој случај ќе послужи за дополнителен ангажман во борбата против корупцијата“,
додаде хрватскиот премиер.
Тој одби да ги коментира деталите од случајот.
„Знам само она што прочитав. Истражните активности се тајни. Ние не сме полиција, ниту државно обвинителство, па немаме сознанија за деталите од случајот. Од друга страна, ако надлежните органи процениле дека доказите, индициите и некои изјави се такви што довеле до апсење на министерот, тогаш ситуацијата сигурно е сериозна и укажува најмалку на сомнение за кривични дела“,
изјави Пленковиќ додавајќи дека го разрешил министерот Берош веднаш штом дознал за какви кривични дела е осомничен.
Припадници на хрватската Национална полициска канцеларија за сузбивање корупција и организиран криминал утрово организираа голема акција во која упаднаа и во домот на актуелниот министер за здравство Вили Берош.
Хрватски медиуми: Полиција упадна во домот на актуелниот министер за здравство Вили Берош
На адресата на министерот за здравство Вили Берош, како што објави „Јутарњи лист“, дошле со наредби за претрес.
Според првичните информации, цел на истражителите, освен министерот, се и неколку високо позиционирани лекари, меѓу кои и директори на болници.
Канцеларијата за сузбивање корупција и организиран криминал (УСКОК) соопшти дека приведувањата и спроведувањето на итните доказни дејствија се резултат на истрагите што претходно ги спроведе УСКОК.
