Владата на Италија донесе декрет со кој од 3 јуни ќе се овозможи влез и излез од земјата, како дел од олеснувањето на мерките по карантинот кој од март до 4 мај беше на сила на територијата на целата држава.
Овој потег означува голем чекор напред во напорите на земјата да ја отвори својата економија по повеќе од два месеци целосна изолација.
Италија е на врвот на листата на земји во светот по бројот на смртни случаи од ковид-19, но стапката на заразени нагло падна во последните неколку дена.
Повеќе од 31 610 луѓе досега починаа како последица од новиот вирус, со што Итдлија е трета земја по смртни случаи веднаш зад САД и Велика Британија.
За споредба, на 27 март Италија пријави 900 смртни случаи во еден ден, додека вчера властите соопштија дека имало 262 починати.

Италија беше првата земја во Европа што воведе ограничувања на национално ниво кога во февруари бројот на случаите на заразени со коронавирус нагло се зголеми во северните региони.
Но, од 4 мај започнаа да се применуваат порелаксирани мерки, со тоа што се отворија фабриките и парковите.
Најновата уредба што ја потпиша премиерот Џузепе Конте е објавена денеска.
Некои италијански региони побараа побрзо олеснување на ограничувањата, но премиерот Конте рече дека тоа ќе се случува постепено за да се избегне втор бран зараза.

За 18 мај е најавено отворање на продавниците и рестораните, со задолжително физичко растојание.
За истиот ден се најавува и враќање на мисите во католичките цркви, но со строго одржување социјална дистанца и носење маски. Верски служби ќе бидат дозволени и за припадниците на другите религии.
На почетокот на оваа недела владата одобри пакет стимулативни мерки од 55 милијарди евра за компензирање на негативниот економски ефект на пандемијата врз стопанството и граѓаните.
И други земји во Европа објавија намалување на бројот на смртни случаи, поради што започнаа со олеснување на мерките, како Португалија, Шпанија и Грција.

Германската економија – најголема во Европа – објави рецесија, откако во првите три месеци од оваа година е регистриран пад од 2,2% како резултат на пандемијата.
Според податоците објавени на сајтот „Ворлдометерс“, бројот на заболени со ковид-19 во светот досега е 4 629 407 лица, од кои 308 676 попчинале, а околу една третина или 1 761 062 оздравеле.