Така одговори Али Ахмети на прашањето упатено до него од граѓанин во Општина Боговиње – дали ВМРО-ДПМНЕ го одбра „Вреди“ за партнер во владата иако имаше помалку гласови од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, како одмазда за одлуката на ДУИ да коалицира со СДСМ по изборите во 2016 г. и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе пратеници на тие избори
„360 степени“ проследи два собири на Демократската унија на интеграција кои се дел од нивните активности, откако решија да излезат на терен незадоволни што тие не се дел од Владата иако сметаат дека го имаат легитиметот кај Албанците во земјава
Петок навечер е, а градоначалникот на Општина Боговиње е на терен. Не во јавно, туку во партиско својство. Членови и симпатизери на Демократската унија за интеграција доаѓаат во општината на средба, каде главен гостин е лидерот на партијата, Али Ахмети.
Средбата е закажана во ресторан за свадби. Додека се полнеше со жители на Боговиње, но и со партиски функционери и пратеници од тој крај, во салата пристигна и првиот човек на ДУИ, заедно со партиските соработници.
Прв говореше градоначалникот Бесник Емшиу. Се пожали на тоа што Владата, во актуелниот проект за поддршка на општините, ги дели парите користејќи методологија која го зема предвид само бројот на резидентно население.
„Владата отсекогаш одвојувала средства и овојпат Владата доделува средства на општините врз основа на бројот на населението, не вклучувајќи ги иселениците, односно нашите иселеници. Затоа, распределбата на средствата врз основа на оваа методологија, вклучувајќи го само бројот на резидентно население, е на штета на албанските општини“.
рече Емшиу.
Кога му дојде редот на Али Ахмети, тој веднаш се осврна на актуелните настани. Го повика Христијан Мицкоски да си го одржи зборот за предвремени парламентарни избори заедно со локалните, предлог кој премиерот го упати до СДСМ на собраниската седница за пратенички прашања.
„Ја поздравувам храброста, храброста вчера во Собранието на Република Северна Македонија на актуелниот премиер без етнички легитимитет. Ова мора да му го кажуваме секој ден. Tреба да му кажувате – Христијан Мицкоски го нема етничкиот легитимитет. Победи на изборите, му честитав на изборите што ги доби, но никогаш не му велам алал што ги понижи Албанците заедно со оние Албанци што не мислат албански“.
рече Ахмети.
Ахмети зборуваше и за други изјави на Мицкоски. Побара од премиерот да го каже наводниот човек од ДУИ кој преку СМС-порака молел ДУИ да влезе во Влада по цена и интегративците да добијат помалку функционерски места од „Вреди“.
„Го молам до небо да објави. До небо го молам да не се занимаваат со такви ниски, злобни и немажествени муабети. Имал пораки дека ДУИ побарала. Кој е тој што барал? Има име, презиме, објави го“.
вели Ахмети.
По говорот на Ахмети, дојде време за прашања или сугестии од присутните. Уште првото прашање упатено до лидерот на ДУИ беше предизвикувачко.
„ВМРО коалицираше со „Вреди“ и ЗНАМ. Дали со тоа ви вратија за 2016 година кога коалициравте со СДСМ„?
праша жител на општина Боговиње.
Можеби, одговори Ахмети, за случувањата по изборите во 2016 година кога ДУИ реши да не коалицира со ВМРО-ДПМНЕ иако нивната коалиција освои два пратеника повеќе од онаа на СДСМ.
„Тогаш раководството на ВМРО ме замоли да разговарам со Никола Груевски за тој да се повлече и да биде заменет со некој друг како премиер. Еве, тука се моите соработници од ДУИ и одлучив на состанок. Реков, јас не прифаќам да разговарам со Никола Груевски и да го условам Никола Груевски – повлечи се ти за ВМРО да биде дел од Владата, затоа што и тој може да ми каже – да, ДУИ победи на изборите, таа има легитимитет, но без Али Ахмети. И луѓето мора да останат луѓе и не се согласив да разговарам со Никола Груевски за да се повлече од мандатот за премиер“.
одговори Ахмети.
И следното прашање од присутните не беше ниту за легитимитетот на Владата ниту за застапеноста на Албанците во институциите, теми кои ДУИ ги нагласува при критиката на актуелната власт.
„Ќе има ли реформи внатре во партијата и дали жените и младите ќе бидат дел од овие реформи или ќе се продолжи со истите водечки имиња“?
праша жителка на општина Боговиње.
Првиот човек на ДУИ одбегна да одговори конкретно за водечките кадри, некои од нив присутни и на собирот. Се задржа на учеството на жените и порача дека нема да ги навредува мајките и жените Албанки со квоти.
Меѓу незгодните прашања беше и едно за статусот на членството кое добило работа во администрацијата, но не и редовно вработување.
„Имајќи предвид дека повеќето договори завршуваат на крајот на годината. Од информациите што ги имаме, вие не сте дале согласност за вработување за време кога раководевте со министерството“?
праша жителка на општина Боговиње.
Поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими не даде конкретен одговор. Вината ја префрли кај актуелната власт.
„Навистина сте соочени со една ситуација кога една категорија луѓе кои имаат добиено договори за работата, ги задржавме бидејќи беа потребни во институциите, но за да се обезбеди стабилност, требаше да се спроведе динамика и план и ние предложивме закон во Собранието, кој актуелната влада со овие политички партии го спречија“.
одговори Бесими.
Три дена подоцна карванот на ДУИ беше во друг регион. Слоганот „Со народот“ продолжи со жителите на Куманово, во салата на поранешниот општински комитет.
Покрај Ахмети, на панелот беа двајца пратеници – Садула Дураку и Илир Хасани. Прво говореше Хасани, кој меѓу другото, изрази загриженост за негирањето на процентот на Албанци, нарекувајќи го срамен и многу болен чин.
„Уште во тие први денови излезе министерот за правда и рече – вие Албанците не сте 30%, вие имате 24%, и сите пресметки што почна да се прават,се прават со 24% елиминирајќи ја најважната половина од нашето срце. Има ли нешто посрамно кога некој ги елиминира нашите браќа кои се на печалба“.
рече Хасани.
Како и во Боговиње, темите на кои зборуваа функционерите на ДУИ беа поврзани со прашањата за правичната застапеност и легитимноста на Владата. Во тој контекст, Ахмети пред кумановци рече дека ВМРО-ДПМНЕ речиси седум години води софистицирана кампања против ДУИ, која ја смета за длабоко антиалбанска.
„Не беше добро за ВМРО, која излезе со слоганот повторно да ја вратиме Македонија, наша Македонија. Чија? Македонија е на сите што живеат овде. Не е добро, господине Дураку, ниту за нас ниту за нив, да ја вртиме главата назад. Ние не се брзаме, не од страв, туку од храброст. Апелираме до сите страни кои сакаат да нè вратат назад дека грешат, бидејќи минатото има многу висока цена“.
рече Ахмети.
На државата ѝ требаат процеси кои гледаат напред, ги убедуваше Ахмети присутните во Куманово, додавајќи дека не треба да се занимаваме со архаични политики од минатото.
„Не сме многу во целина. Два милиона жители. Два милиона жители, секој со секого се знаеме. Не им треба беља ним, не ни треба беља нам. Нам ни треба земјата да ја зачлениме во ЕУ. Не ја оспоруваме ниту историјата, ниту јазикот или културата на нашите сограѓани Македонци, ние ги поддржуваме во нивниот идентитет, ние не сме како другите кои им ги оспоруваат историјата, биографијата, јазикот, културата“.
вели Ахмети.
За разлика од Боговиње, во Куманово публиката не постави непријатни прашања. Повеќето кои побараа микрофон не сакаа одговор од функционерите на ДУИ, туку кажаа свои констатации.
„Имајќи ги предвид политичките околности што се случуваат, имаме едно ВМРО кое како да си поставило главна цел – не само да го прекрши, туку и да го прегази Охридскиот договор со две нозе. Имаме Уставен суд кој крши свој Устав, а имаме претставник Албанец кој толку гладен влезе во Владата што сега си ги јаде своите зборови“.
рече жител на Куманово.
Откако заврши официјалната програма, успеавме да дојдеме до Ахмети и самите да му поставиме прашање – што ќе каже за секојдневните најави од власта дека ДУИ се плаши од казната која следи за криминалот што го направиле додека биле на власт.
Еве што ни одговори.
„Да ја зачлениме земјата во Европската Унија, да се направи ветинг. Да се отвори истрага за сите политички партии. Да се отвори истрага за сите политичари во земјата, од каде им потекнува богатството. Да се отвори истрага за целиот процес на приватизацијата во државава. И, на крај, сакам објаснување од сите македонски политичари зошто Албанците да излезат на избори кога сè уште го имаат менталитетот од 1950-60-тите, кога Албанците во Устав ги пишувале Шиптари“.
рече Ахмети.
Генералниот секретар на ДУИ, Фатон Амети, ни рече дека средбите со граѓаните ќе продолжат и во следниот период.
„На крајот од овие средби, со последните средби кои ќе бидат во следните недели, ќе одлучиме кои ќе бидат нашите чекори и што ќе преземеме ние како ДУИ во иднина. Така што, нашиот одговор, нашето дејствување ќе се заснова на она што нашата база ќе го бара. Врз основа на тоа што ќе бара народот, како што ни е слоганот. Не е исклучена ниту една форма на дејствување, па ќе постапиме како што ќе се бара од нас на крајот на овие средби“.
рече Амети.
Меѓу формите на дејствување што не се исклучуваат се и протести.