Прашан во врска со засилените мерки на безбедност, шерифот на округот Марикопа, каде што се случија инциденти за време на изборите пред четири години, за Би-би-си вели оти се надеваат дека нема да има потреба од нив, но подготвени се да обезбедат безбедност и сигурност на заградата каде што ќе се пребројуваат гласовите
Жилет-жица, дебела црна метална ограда, детектори за метал, вооружени чувари. Вака изгледа центарот за пребројување гласачки ливчиња во округот Марикопа, во американската сојузна држава Аризона, кој, како што пишува Би-би-си во својата кратка сторија, има обезбедување кое повеќе наликува на она што може да се види на аеродромите, па дури во затворите.
И тоа не е сè. Доколку е потребно, постои разработен план за дополнително зајакнување на безбедноста, кој вклучува и беспилотни летала, полициски службеници на коњи и снајпери на крововите на околните згради.
Причината за ова е тоа што Округот Марикопа беше центар на теориите на заговор за време на претседателските избори пред четири години, што ги рашири тогашниот, а и сегашен кандидат за Белата куќа, Доналд Трамп кој неосновано тврдеше дека со изборна измама загубил од Џо Бајден во Аризона за помалку од 11 000 гласа.
Неговите лажни тврдења тогаш станаа вирални на социјалните мрежи, а вооружени демонстранти влегоа во зградата каде што се броеја гласовите. Потоа следуваа и тужби и ревизии од страна на тимот на Трамп чија цел беше да ги оспорат изборните резултати.
Овие настани од 2020 година го трансформираа начинот на кој службениците на ова место се справуваат и ќе се справуваат со типично вообичаената процедура на броење на гласачките ливчиња, воведувајќи нова ера на висока безбедност.
„Го третираме ова како голем настан, како Супербол“,
изјавил за Би-Би-Си шерифот на округот Марикопа, Рас Скинер.
Според шерифот, округот, кој е четврти најнаселен во САД и дом на околу 60 отсто од гласачите во Аризона, се подготвува за изборите повеќе од една година.
Канцеларијата на шерифот се грижи за безбедноста на избирачките места и центарот каде што се пребројуваат гласачките ливчиња. Службениците сега се обучени за изборните закони, нешто во што повеќето органи за спроведување на законот претходно не биле добро упатени, се вели во сторијата на Би-би-си.
Прашан во врска со засилените мерки на безбедност со беспилотни летала и снајперисти, шерифот рекол оти се надеваат дека нема да има потреба од нив, но подготвени се да обезбедат безбедност и сигурност на заградата и вработените во неа.
Инаку, изборниот процес во Марикопа е безмалку идентичен со оној во окрузите низ целата земја. Гласачките ливчиња се се оставаат на местата за гласање низ округот, а потоа се носат во централната област во градот Феникс, каде што се табелираат. Доколку се испратени по пошта, гласачките ливчиња и потписите се проверуваат. Сето тоа се одвива во прецизен процес кој вклучува двајца работници, од различни политички партии, кои ги подредуваат и испитуваат гласачките материјали за било какви грешки.
Процесот се пренесува во живо 24 часа на ден.
Додека голем дел од овој процес останува ист, многу други работи се сменети од изборите во 2020 година во Аризона. Усвоен е нов закон што го олеснува пребројување на гласовите во државата. Претходно, доколку трката се одлучуваше со мала разлика од 0,1 процент од дадените гласови, ќе следеше пребројување. Оваа разлика сега е зголемена на 0,5 отсто.
Центарот за табелирање во Марикопа сега е преполн со безбедносни камери, вооружено обезбедување и двослојна ограда.
Дебели платнени ќебиња покриваат делови од оградата на паркингот за да ги задржат љубопитните погледи. Официјални лица велат дека платното било дополнителна мерка за заштита на вработените од евентуално вознемирување и закани надвор од зградата.
„Мислам дека е тажно што мораме да ги правиме овие работи“,
рекол Бил Гејтс, надзорник на округот Марикопа.
Гејтс, кој е републиканец по политичка определба, посочил дека му бил дијагностициран пострауматски синдром по изборните закани што ги добил за време изборите во 2020 година и оти не планира повторно да се кандидира за функцијата по завршувањето на овој изборен циклус.
„Сакам луѓето да разберат дека кога одат во гласачките центри, тоа не се зони за малтретирање. Можете да се чувствувате безбедно да одите таму со вашето семејство, со вашите деца и да учествувате во демократијата“,
вели тој за Би-би-си.
Округот од 2020 година наваму инвестирал милиони долари во подготовката за претседателските избори. И тоа не се однесува само на безбедноста. Тој сега располага со 30-член тим за комуникација, што треба да допринесе за максимална транспарентност на процесот.
„Ќе комуницираме за секој дел од овој процес, ќе ја разоткриеме секоја теорија што ќе се појави. Можеби сме премногу подготвени, но јас повеќе сакам да бидам подготвен за најлошото и да се надевам на најдоброто“,
вели Скира.
Дел од републиканските гласачи во Марикопа за Би-би-си изјавиле дека ги следеле неодамнешните промени и сметаат дека ќе има помалку проблеми во овој изборен циклус.
„Направија чекори што мислам дека ќе помогнат“,
рекол 25-годишниот Гарет Лудвик кој присуствувал на неодамнешниот митинг во Скотсдејл за кандидатот на Трамп за потпретседател, Џеј-Ди Венс.
Друг гласач рекол дека изборниот циклус во 2020 година го натерал да се вклучи повеќе, поради што сега се пријавил за две смени на избирачките места во округот Марикопа за денешниот изборен ден.
„Одењето на митинг или вознемирувањето нема да ги поправи работите. Сакав да бидам дел од решението“,
рекол тој.
Но, не сите се убедени оти сè ќе биде регуларно.
„Сè уште мислам дека беше наместено. Многу е тешко да се верува некому денес“,
рекла 55-годишната Малеса Мејерс, која како и некои републикански гласачи вели дека нејзината недоверба во процесот е премногу длабоко вкоренета за да се верува дека изборите би можеле да бидат фер.
Резултатите во американската сојузна држава Аризона често зависат од округот Марикопа, давајќи му на округот голема улога во исходот.
Проценките на службените лица се дека процесот во оваа сојузна држава би можел да потрае дури 13 дена додека се пребројат сите гласачки ливчиња, што значи дека резултатите од очекуваната тесна трка во оваа држава можеби нема да биде соопштени во изборната ноќ.
„Можно е во 2024 година целиот свет да внимава каков е резултатот во округот Марикопа“,
рекла Шира, помошник менаџер на округот.