„Ќе дадеме уште 24 часа да видиме дали тие што беа надлежни за одредени прашања, а за одговорноста за која зборуваме, ќе се сетат на себе. Очекувам оставки во наредните денови“, изјави премиерот на Србија, Милош Вучевиќ
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, денеска изјави дека ќе ја прифати оставката на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, која тој најави дека ќе ја поднесе по несреќата во Нови Сад, во која загинаа 14 лица.

Српскиот премиер рече дека нема сомневање оти Весиќ субјективно не е виновен за уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, но дека, сепак, е објективно одговорен, бидејќи е министер за градежништво, транспорт и инфраструктура.
„Сепак, ќе ја прифатам неговата оставка, со благодарност за сè што направи за време на мандатот на оваа и на претходната влада, не можам да кажам дека Горан Весиќ лошо си ја заврши работата, тоа би било некоректно, но во политиката постои т.н. одговорност за некои работи за кои не сте директно лично одговорни или виновни, туку го носите товарот на работата што ја работите“,
рече Вучевиќ.
Според Вучевиќ, би било нелогично сè да се заврши со оставката на ресорниот министер.
„Ќе дадеме уште 24 часа да видиме дали тие што беа надлежни за одредени прашања, а за одговорноста за која зборуваме, ќе се сетат на себе. Очекувам оставки во наредните денови“,
рече премиерот.
По несреќата во Нови Сад на 1 ноември, министерот за градежништво Горан Весиќ вчера на вонредна прес-конференција најави дека ќе поднесе оставка од функцијата, но рече и дека не ја прифаќа вината за несреќата.
„Не можам да ја прифатам вината за смртта на 14 лица бидејќи ниту јас ниту луѓето што работат со мене не носиме ниту трошка одговорност за трагедијата што се случи. Сигурен сум дека тоа ќе ја потврди и истрагата. И јас посакувам да се утврди одговорност за несреќата што се случи“,
изјави вчера министерот за градежништво на Србија.