„Не можам да дозволам никој да ми вперува прст дека сум виновен за смртта на кое било дете, без доказ и без никакви укажувања, само затоа што тоа му е дозволено“, рече српскиот министер
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави оти утре и официјално ќе поднесе оставка од функцијата поради несреќата во Нови Сад, кога по пад на натстрешницата на Железничката станица загинаа 14 лица, а тројца сè уште се борат за живот, пренесува српски „Н1“.

Посочи дека уште истиот ден кога се случила несреќата ја понудил својата оставка на премиерот Милош Вучевиќ, како и дека истото му го соопштил и на претседателот Александар Вучиќ.
Според него, не може да ја прифати вината за несреќата, но дека од функцијата се повлекува како одговорен човек.
„Не можам да ја прифатам вината за смртта на 14 лица, бидејќи ниту јас ниту луѓето што работат со мене не носиме ниту трошка одговорност за трагедијата што се случи. Сигурен сум дека тоа ќе ја потврди и истрагата. И јас посакувам да се утврди одговорност за несреќата што се случи“,
рече тој.
Оставката, како што рече, ја поднесува од морални причини, бидејќи несреќата се случила токму во одделот што тој го води.
„Не можам да дозволам никој да ми вперува прст дека сум виновен за смртта на кое било дете, без доказ и без никакви укажувања, само затоа што тоа му е дозволено“,
вели српскиот министер.
Сите документи поврзани со проектот, додаде тој, се издадени пред да стане министер, како и дека за неговиот мандат е креиран само конечниот проект за извршување на работите, нешто што не е ниту одобрено од министерството кога тој е на негово чело.
Ги повика надлежните да утврдат кој е одговорен и кој од проектант, изведувач, надзорник, инвеститор не ја извршил работата на Железничката станица во Нови Сад.
На крајот од говорот праша зошто Железничка инфраструктура на Србија не ја одржувала станицата во изминатите децении и години, нешто за кое рече дека е нивна законска обврска.
Весиќ е меѓу функционерите чија оставка беше побарана по падот на натстрешницата.
Здружената новосадска опозиција побара оставка и од премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Неколку стотици луѓе вчера се собраа пред зградата на Министерството за градежништво во Белград, а потоа и пред зградата на Владата на Србија, барајќи одговорност од надлежните за несреќата.