На социјалната мрежа Икс објавено е видео кое е направено во општината Алмонасид де ла Куба во регионот Арагон, каде што се гледа како брана што се наоѓа на реката Агуасвивас и е висока 34 метри, изградена пред околу 2000 години, ја спречува водата да го поплави шпанскиот град
Бројот на загинати како резултат на поројните поплави во источна Шпанија се искачи на 140, пренесува шпанската државна новинска агенција ЕФЕ.
Властите предупредуваат дека бројот на загинати ќе расте велејќи дека многу луѓе сè уште се водат како исчезнати, а десетици лица допрва треба да се извлечат од заглавените автомобили.
Шпанскиот премиер Педро Санчез најави дека областа ќе биде прогласена за зона на катастрофа и дека кризното ниво е подигнато на второ ниво.
„Нема да ги напуштиме луѓето од Валенсија. Ќе бидеме тука со вас се додека е потребно и ќе ги распоредиме сите потребни ресурси. Наш приоритет во моментов е да ги најдеме жртвите, да ги пронајдеме исчезнатите лица“,
рече тој.
Санчез ги повтори претходните предупредувања од министерот за транспорт дека властите веруваат дека многу повеќе тела се заробени во автомобилите кои се погодени од поплавите.
Шпанскиот крал Фелипе VI предупредува дека вонредната состојба поради поплавите во земјата сè уште не е завршена додека спасувачите се обидуваат да најдат преживеани.
Тој изрази сочувство до жртвите и нивните семејства за катастрофалниот настан кој, како што рече, според медиумите, сè уште трае.
„Кралицата и јас сме со сите вас“,
рече тој.
На социјалната мрежа Икс објавено е видео кое е направено во општината Алмонасид де ла Куба во регионот Арагон, каде што се гледа како брана што се наоѓа на реката Агуасвивас и е висока 34 метри, изградена пред околу 2000 години, ја спречува водата да го поплави шпанскиот град.
Almonacid de la Cuba aliviando lo bestia. https://t.co/WskiMiZWQe pic.twitter.com/L7Y5yrs2iF
— Isaac Moreno Gallo (@imorenogallo) October 30, 2024
Поплавите што ја погодија Шпанија во вторникот, а продолжија и вчера, се едни од најтешките од 1996 година, кога 87 луѓе загинаа како последица на поројниот дожд кој погоди камп на Пиринеите.
Поплавите, како што оценува „Гардијан“, се едни од најсмртоносните што ја погодиле земјата во последните три децении. Силните дождови во погодените региони донесоа порои вода која се прелеа низ улиците во повеќе градови и села, поради што голем број луѓе останаа заробени во своите домови, а има и големи оштетувања на патната и железничката инфраструктура.
Вчера дождовите во Валенсија стивнаа, но шпанската национална метеоролошка служба прогнозира нови бури за денеска. Според прогнозата, се очекува дождовите да се префрлат во североисточниот дел на Пиринејскиот Полуостров.
Интензивниот дожд му се припишува на феноменот познат како gota fría, или „ладна капка“, кој се јавува кога студениот воздух се движи над топлите води на Медитеранот. Ова создава атмосферска нестабилност предизвикувајќи брз пораст на топол, заситен воздух, што доведува до силен дожд и грмотевици.
Според научниците, екстремните временски настани како топлотни бранови и бури стануваат сè поинтензивни поради климатските промени, пишува „Гардијан“.