Доколку условите од тендерската документација се исполнети, од Министерството велат дека ќе биде донесена Одлука за избор на најповолна понуда и ќе се пристапи кон склучување на Договор за јавна набавка
Една понуда е пристигната на вториот тендер за компресорската станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, што го распиша Министерството за здравство.
Од Здравство велат дека по денешното отворање на понудите Комисијата за јавни набавки и надворешните ангажирани стручни лица ќе вршат евалуација на единствената доставена понуда.
Доколку условите од тендерската документација се исполнети, од Министерството велат дека ќе биде донесена Одлука за избор на најповолна понуда и ќе се пристапи кон склучување на Договор за јавна набавка.
„Министерството за здравство, согласно објавениот Оглас за јавна набавка на стоки, со предмет на набавка: ’Набавка, монтажа и пуштање во работа на станица за компримиран воздух’, денеска изврши јавно отворање преку Електронскиот систем за јавни набавки. Пристигната е една понуда, за која во наредниот период, во рамки на законските рокови, ќе се изврши евалуација од страна на Комисијата за јавни набавки и надворешните ангажирани стручни лица, по што, доколку истата ги исполнува условите од тендерската документација, ќе биде донесена Одлука за избор на најповолна понуда и ќе се пристапи кон склучување на Договор за јавна набавка“,
информираат од Министерството за здравство.
Ова е втор тендер за набавка на компресори за хируршките сали на Клиничкиот центар. Првиот беше поништен бидејќи не пристигнала ниту една понуда.
Министерот за здравство Арбен Таравари во јули годинава, откако првиот тендер беше поништен, рече оти ја информирал Владата дека обврската за набавка на компресорската станица во Клиничкиот центар ќе ја преземе Министерството за здравство и оти се надева дека што поскоро ќе почне процедурата за средување на компресорскиот центар и сите проблеми со хируршките сали.
Додека да се заврши набавката и компресорите да се стават во функција, Таравари рече дека салите до ноември или декември годинава ќе функционираат со надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух.
Операционите сали на Клиничкиот центар во мај годинава беа затворени поради непријатна миризба. За итни интервенции, пациентите се упатуваа во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември”.
Таравари вели дека сѐ уште нема добиено информација од што била предизвикана миризбата во хируршките клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.