Премиерот и другите официјални гости беа дочекани со факели, имаше и двајца министри од „Вреди”, Крушевскиот манифест се читаше на македонски и на албански, а Дурловски и Јаневска ја исполнија антологиската песна на Пепи Бафтировски и браќата Барбаровски, која пролетта се пееше по предизборните митинзи на ВМРО-ДПМНЕ
Под слоганот „Борбата трае“ денеска се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и Крушевската република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ.

Централната манифестација за Илинден се одржа во Крушево на Гумење и во месноста Мечкин камен.
Впечатливо, премиерот Христијан Мицкоски, министрите и другите официјални гости, беа пречекани од присутните со запелени факели.

Во друштво на Мицкоски на Мечкин камен беа и двајца членови на Владата од редовите на „Вреди” – првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити и министерот за социјална политика Фатмир Лимани. Од министрите од ВМРО-ДПМНЕ беа присутни министерката за енергетика Сања Божиновска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за култура Зоран Љутков, а тука беше и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
За време на пригодната програма, Игор Џамбазов на македонски и Амернис Нокшиќи на албански јазик го читаа Крушевскиот манифест, а свои настапи имаа „Танец“ и Камерниот оркестар и хор од Битола.
Пред говорот на премиерот Христијан Мицкоски, Игор Дурловски и Андријана Јаневска ја испеаја песната „Заветна“, која беше неофицијална химна на ВМРО-ДПМНЕ за време на пролетната двојна изборна кампања.
„Заветна“ е една од антологиските песни испеани од легендарниот фолк-пејач Пепи Бафтировски, кој почина 2008 година. Автор на музиката е, исто така, легендарниот Миле Барбаровски, а на текстот, неговиот брат, мајстор на стиховите Ѓорѓи Барбаровски. Песната е создадена пред повеќе од 35 година, во периодот 1987-1988 г.