Мицкоски во говорот се осврна и на темата со Бугарија и посочи – колку пати да ме прашаат и во какви форми да се постави прашањето, одговорот ќе биде единствен – ние сме за достоинствено решение
Илинден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина, Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес. Во време на глобални предизвици, нашата борба за зачувување на националниот идентитет и суверенитет е посилна од било кога, кажа премиерот Христијан Мицкоски во говорот од Мечкин Камен.
„Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата култура, за нашата слобода. Од нив треба да научиме како се добиваат големите победи, бидејќи битка може да изгубите, но важно е да победите во својата конечна цел. Истрајност, внимателност и пред се добар план да се дојде до вистинската цел. Тоа е стратегијата што треба и ние да ја користиме, да бидеме гласни во нашите ставови, да имаме план и да бидеме истрајни,“
рече Мицкоски.
Направени се големи национални предавства, но, ќе се носиме достоинствено со овие проблеми и ќе градиме принципиелни односи помеѓу рамноправни партнери, а не помеѓу господари и поданици, рече Мицкоски.

Тој во говорот се осврна и на состојбата со пожарите, со критики кон опозицијата која како што рече, на владата и оставила летала за гасење на пожар кои не летаат, без екипаж, институции за спасување без опрема и без било каква организираност.
„Политиката на ниски страсти која ја водат говори само за недостаток на визионерство, конфликтите од внатре кои сакаат да ги пренесат надвор, нивните проблеми да станат проблеми на нацијата и давењето во калта во која сакаат сите да не повлечат. И тоа нешто кое нема да го дозволам“.
рече Мицкоски.

Мицкоски го спомена и прашањето за односите со Бугарија и посочи – колку пати да ме прашаат и во какви форми да се постави прашањето, одговорот ќе биде единствен – ние сме за достоинствено решение.
„Сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство. Воедно, неспорна е нашата заложба за членство во Европската Унија, исто како што е неспорен и нашиот ангажман во исполнување на критериумите. И ова го правиме не за да угодиме на некој однадвор туку да си помогнеме себеси одвнатре. Но воедно неодминлива е и забелешката дека овој процес трае предолго, со премногу препреки, сопки и барања кои не секогаш се разумни, а многу повеќе политички. Ние ќе водиме дијалог, но со блага горчина ќе се присетиме дека држави кои направија многу помалку од нас, но и без политички сопки на тој план сега се рамноправни членки на европското семејство. Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица во кој ќе се слуша и нашиот глас. И верувам во решенија диктирани од разумот, а не од силата, “
потенцира Мицкоски.
Според Мицкоски, постојат елементи и субјекти во општеството кои постојано „на маса ставаат барања кои создаваат конфликти и го напаѓаат единството.“ Во наративите, како што рече тој, тие секогаш ќе ја почитуваат татковината, но со делата кои ги ставаат на маса го прават токму спротивното, кажа Мицкоски.
„Смислуваат барања за да дојдат до власт која за нив значи привилегии, пари, трговски центри, империи, згради, имоти, удобства стекнати на грбот на народот. И тука сето тоа го плаќаат заедно и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Ромите и Бошњаците и сите граѓани. И кога така се расфрлаат со барања со кои удираат по државата, треба да се свесни дека и јас како лидер можам и во суштина имам барања кои лесно може да се извадат на маса, но дали тоа ќе ги реши суштинските проблеми на граѓаните. Дали тоа ќе донесе доверба едни кон други и дали тоа ќе обезбеди иднина за сите нас“
рече тој.
На крајот од говорот Мицкоски кажа и дека не сака да води разговор за теми кои предизвикуваат поделби и ги нарушуваат меѓуетничките односи.
„Нема да водам разговор на теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања, и ги повикувам сите партии, субјекти и лидери ајде да зборуваме за она што е вистински важно, а тоа е економија, образование и иновации кои носат иднина. Ајде да зборуваме за повеќе пари за народот и економија. Ајде да отвориме дебата за економијата и како да ги решиме проблемите на граѓаните овде. Подавам рака за решавање на проблеми, за конструктивни дијалози како до подобар живот. Подавам рака за дијалог за економска, правна, чувствителна обнова за нашата заедничка Македонија. Еве ги слушам вашите предлози. Да обезбедиме единство“,
порача премиерот.