Дел од нив, како што велат, имале средба со директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, кој сега веќе е разрешен од функцијата, а од кого добиле ветување дека постепено ќе им се исплаќаат заостанатите средства

Дел од приватните автобуски превозници во Скопје до крајот на оваа недела ќе возат само до 10 часот наутро. Ова е, како што велат, предупредување и бараат исплата на финансии за да можат да продолжат да возат.
„До петок ќе возиме само до 10 часот наутро, а потоа ќе решиме што ќе правиме“,
вели Оливер Петрушевски во изјава за МИА.
Според нив, од јануари годинава имаат земено само дел од средствата и оти не им се исплатени пари за услугата што ја даваат.
Дел од нив, како што велат, имале средба со директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, кој сега веќе е разрешен од функцијата, а од кого добиле ветување дека постепено ќе им се исплаќаат заостанатите средства. На тој начин, како што велат, до септември целосно ќе им бил исплатен долгот.
За тоа што ќе се случува по неговото разрешување велат дека немаат никаква најава.
Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град.
Градоначалничката Данела Арсовска негираше дека градот има долг кон приватниците, а минатата година рече оти е сигурна дека Град Скопје може да функционира без приватни автобуски превозници.
Откако Арсовска ги раскина договорите со двете здруженија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, под чија капа возеа приватните превозници, беа распишани нови огласи за вршење јавен лински автобуски превоз на кој можеше да се пријават приватните превозници.
Кон крајот на мај минатата година, од ЈСП „Скопје“ соопштија дека приватните превозници се враќаат на улиците.