Шест или седум вакцини за ковид-19 се во рана фаза на клинички испитувања, соопшти денеска д-р Катерина Смалвуд од Канцеларијата за Европа на Светската здравствена организација.
„СЗО помага во координација на глобалните напори за изнаоѓање вакцина за ковид-19, а тоа исто така е поддржано од голем број меѓународни претставници од приватниот сектор и иницијативи. Што се однесува до бројот на вакцини кои се развиваат, се работи за десетина. Неколку различни истражувачки институции и влади се вклучени во процесот. Во моментов, половина од нив, шест или седум од вакцините се во рана фаза на клинички испитувања. Ова е многу охрабрувачка вест, но ние мораме да бидеме крајно реални дека за развој на вакцина е потребно многу време“,
рече таа на редовната прес-конференцијата, одговарајќи на новинарски прашања.
Ставот на СЗО е дека за развој на оваа вакцина ќе биде потребен 18–месечен процес наспроти неколку години колку што е потребно да се развие една вакцина генерално.
СЗО ги повика сите кои работат на развој на вакцина и институциите да се здружат со меѓународните групи, да ги споделат информациите за да биде постигнат одреден бенефит.
Во однос на ризикот за втор бран на епидемијата, кој би можел да се очекува наесен, претставничката на СЗО, рече дека се разгледуваат повеќе потенцијални сценарија за коишто е рано да се зборува, но потенцира дека за тоа дали ќе има или не втор бран зависи индивидуално од земјите односно спроведувањето на мерките од страна на граѓаните.
Вчера американската фармацевтска компанија „Фајзер“ (Pfizer) објави дека почнува со тестирање на евентуалната вакцина против новиот коронавирус на луѓе, а претходно во Велика Британија на крајот на април започна првата од три фази на тестирање на вакцина против ковид-19 со која се опфатени 1 100 доброволци од 18 до 55 години.
*Поврзани вести
Ковид-19: Се истражуваат 268 лекови и 97 вакцини за новиот коронавирус
Македонската кујна за лажни вести ја умре и волонтерката што прими пробна вакцина против ковид-19?
Втор бран на ковид-19 би бил уште пострашен, предупредува врвен американски виролог