Во светот во моментов се пријавени 268 истражувања за потенцијален лек за ковид-19 и 97 истражувања за вакцина против новиот коронавирус. Овие бројките се моментални зашто се менуваат на дневно ниво.
„Ако сакате да развиете вакцина за 18 месеци, еден начин да го направите тоа е да внесете во трката што е можно повеќе коњи“, коментира Петер Хотез, декан на Бајлор колеџот за медицина, во изјава за „Њујорк Тајмс“.
Весникот дава графички приказ на моментот во кој дел од истражувачките тимови и компаниите започнаа или планираат да започнат со клинички тестирања на потенцијална вакцина.

Сепак, анализира весникот, искуството покажува дека помалку од 10% од лековите што влегуваат во клинички испитувања, на крај, добиваат одобрување за употреба. Останатите пропаѓаат поради една или друга причина: не се ефикасни, не се подобри од веќе постоечки лек или имаат премногу нус-ефекти.
Експертите што ги консултирал „Њујорк Тајмс“ не се оптимисти дека е можно да се стигне до вакцина, која ќе ги помине сите фази на тестирање и одобрување, пред втората половина на 2021, па и 2022 година. Споредбата со времето потребно да се открие вакцина за други болести во минатото покажува колку е краток и оптимистички временскиот период од 12 до 18 месеци со кој се оперира за развој на вакцина за ковид-19.

Дури и кога ќе се има в рака вакцина подготвена за масовна употреба, предизвикот ќе биде како да се произведе во доволни количини, во случајов, изразени во милијарди дози.