По најавите на дел од американските сојузни држави дека планираат наскоро да ја рестартираат економијата, врвните луѓе на Центарот за контрола на зарази (ЦДЦ) – главната институција за справување со коронавирусот во САД, предупредуваат на можен втор бран, кој би бил поразорен, зашто би се совпаднал со сезонскиот грип
Втор удар на коронавирусот наредната зима би бил уште пожесток од актуелниот, зашто истовремено би имале епидемија на сезонски грип и епидемија на ковид-19, предупредува директорот на американскиот Центар за контрола на зарази (ЦДЦ), Роберт Редфилд.
Два вируса во исто време, според Редфилд, екстремно би го оптовариле здравствениот систем. Овој прв бран покажа многу недостатоци во здравствената заштита на САД, како недостиг од респиратори и тестови.
Во интервју за „Вашингтон пост“, Редфилд ги предупредува федералните и властите на сојузните држави дека во наредните месеци треба да се подготват за тоа што следува. Шефот на ЦДЦ, заедно со други членови на тимот на Белата куќа задолжени за справување со ковид-19, повикува на одржување физичка дистанца во ситуација кога забраните за движење ќе бидат укинати.
ЦДЦ веќе изработил упатства за државните и локалните администрации за ублажување на ефектите при транзицијата од рестриктивните мерки кон постепено нормализирање на ситуацијата.
Истовремено, ЦДЦ размислува во насока на едукација на јавноста за потребата од вакцинирање против сезонски грип со што сериозно би се намалила бројката на граѓани кои потенцијално би завршиле на болничка терапија.