„Апсолутно“, одговара Герт Јан Копман на прашањето дали топката е кај Скопје. Според него, ако има напредок во преговорите, Северна Македонија и Србија би можеле уште догодина да добијат патокази од Европската комисија

„Блокадата не е во Советот на ЕУ. Блокадата е во земјата“, изјави генералниот директор за проширување и источно соседство во Европската комисија, Герт Јан Копман, одговарајќи на прашањето што може да направи Брисел за Северна Македонија да го отвори првиот кластер во пристапните преговори.
Во интервју за „Балканс дебриф“ на Атлантскиот совет, новинарката Илва Таре го праша Копман дали има надеж да се надмине блокадата во Советот на ЕУ, со оглед на тоа што поминаа 17 години од првата препорака на Европската комисија за отворање преговори со земјава. Откако Копман ја оспори констатацијата дека блокадата е во Советот на ЕУ, Таре појасни дека мислела на бугарското вето.
„Тоа не е само бугарско прашање. Тоа е став на ЕУ. Тоа е дел од заклучоците на Советот“, одговори Копман.
Тој потсети дека земјава треба да усвои и патокази и акциски план за малцинствата, за кои оцени дека се во напредна фаза на подготовка.
„Но, без уставната измена, процесот едноставно нема да оди напред. Тоа навистина зависи од самата земја“, рече тој.
Копман посочи дека со спроведувањето повеќе тешки реформи во рамките на Планот за раст годинава, Северна Македонија покажала дека има капацитет за реформи. Свесен е, рече, дека земјата има долг европски пат на кој се соочила со многу билатерални прашања, но смета дека е важно прецизно да се каже зошто преговорите сега стојат.
„Не ја блокира земја членка. Блокирана е затоа што досега не сака да го направи она што знае дека треба да се направи“, изјави Копман.
„Значи, потврдувате дека топката е кај Скопје“, праша Таре.
„Апсолутно“, одговори Копман.
На дополнителното прашање дали во моментов се водат преговори за да се најде решение, тој рече дека Европската комисија разговара со сите.
„Тоа е политички избор. Станува збор за суверена земја. Никој не може да ја принуди, ниту сака да ја принуди земјата да направи нешто што не е подготвена да го направи“, рече Копман.
Во делот од интервјуто посветен на Србија, Копман се осврна и на можноста двете земји во пакетот за проширување за 2027 година да добијат индикативни патокази, какви што годинава добија Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Услов за тоа, рече, е напредок во самите преговори.
„Годинава немаше напредок во преговорите ниту со Србија ниту со Северна Македонија. Но, следната година може да биде сосема поинаква. Сосема е можно двете земји да добијат патокази. И двете имаат силен административен капацитет за да напредуваат брзо ако го сакаат тоа“, оцени Копман.
