Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ (Pfizer) почнува со тестирање на евентуалната вакцина против новиот коронавирус на луѓе, објави весникот Њујорк тајмс.
Оваа компанијата за лекови, заедно со германскиот партнер БиоНТех ќе го прави тестирањето на 12 здрави доброволци, кое подоцна би било проширено на уште 20 учесници.
Весникот повикувајќи се на инофрмациите од команијата, објави дека вакцината се темели на генетски материјал познат како РНК, кој содржи „упатства“ за клетките како да создаваат протеини. Со вбризгување на специјално дизајнираниот РНК во телото, вакцината потенцијално би можела да ги „информира“ клетките да направат протеин на коронавирусот, а притоа лицето да не се разболи.
Бидејќи вирусот обично го користи овој протеин за вгнездување во белодробните клетки, вакцината би можела да го поттикне здравиот имунолошки систем како да произведува антитела за борба против инфекција со коронавирусот. Според научниците кои работат на вакцината, предноста на оваа технологија е во тоа што е брза за производство и може да биде постабилна од традиционалните вакцини, кои ги користат послабите видови на вирусот.
„Фајзер“ е единствена од неколкуте компании, која забрзано работи на обидите да се пронајде сигурна и ефикасна вакцина против ковид-19. Доколку тестирањето биде успешно, вакцината би можела да биде подготвена за употреба уште во септември годинава.
И во Велика Британија на крајот на април започна првата од три фази на тестирање на вакцина против ковид-19 со која се опфатени 1 100 доброволци од 18 до 55 години.
Вчера се одржа видеоконференција на светските лидери организирана од ЕУ чија цел беше да се објават донациите со кои секоја од земјите планира да учествува во глобалниот напор за наоѓање третман и вакцина против ковид-19.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува вакцината против новиот коронавирус да биде откриена до крајот на оваа година, на што германскиот министер за здравство Јенс Шпан реплицираше дека за тоа можеби ќе бидат потребни неколку години.
И од СЗО досега се изјаснија дека вакцина може да се очекува најрано за една година, но истакнуваат дека таа кога и да се пронајде, мора веднаш д абиде достапна за сите.
*Поврзана вест
Македонската кујна за лажни вести ја умре и волонтерката што прими пробна вакцина против ковид-19?