Врв на приоритетите ќе биде борбата против корупцијата и организираниот криминал, со цел политичка и социо-економска трансформација на регионот
Се потенцира дека ЕУ и земјите од Западен Балкан заедно се борат против коронавирусот и со последиците предизвикани од пандемијата
Европската унија уште еднаш ја потврди својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан. На Самитот на ЕУ за Западен Балкан што требаше да се одржи во Загреб, но поради корона-кризата се одржа преку видео-врска, земјите од Западен Балкан ја реафирмираа својата посветеност кон европската перспектива како цврст стратешки избор.
Лидерите на земјите членки на ЕУ, првите луѓе на Европскиот Совет, на Европскиот Парламент и на Европската Комисија, како и шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан донесоа и прифатија заедничка декларација од Самитот на ЕУ за Западен Балкан.
Финансиска поддршка за Западен Балкан за побрзо закрепнување од пандемијата
Во заедничката декларација се потенцира дека ЕУ и земјите од Западен Балкан заедно се борат против коронавирусот и со последиците од пандемијата ковид-19.
„ЕУ мобилизираше многу бргу пакет од над 3,3 милијарди евра во корист на земјите од Западен Балкан. Овие средства, освен за пост-пандемичкото закрепнување, се наменети за непосредна поддршка за здравствениот сектор, за потребите на социјалното и економско закрепнување на земјите од регионот. Дополнителна поддршка се пакетот од 750 милиони евра за макрофинансиска помош и 1,7 милијарди евра од Европската инвестициска банка“,
соопшти Владата.
Пандемијата покажа дека ЕУ и земјите од Западен Балкан заедно се справуваат со заедничките предизвици и оваа соработка, се вели во декларацијата, вклучува заедничка набавка и неограничен пристап до заштитна лична опрема, како и обезбедување на брз проток на основните производи преку зелените коридори што ги поврзуваат ЕУ и Западен Балкан.
Заеднички се обврзуваат за безбедна, силна, стабилна и обединета Европа, обединета со историските, културни и географски врски и за заштита на взаемно прифатените политички, безбедносни и економски интереси.
Од суштинска важност е демократијата и владеењето на правото
ЕУ ја поздрави посветеноста на земјите партнери од Западен Балкан за суштинската важност на демократијата и владеењето на правото, доброто управување, како и почитувањето на човековите права, родовата еднаквост и правата на малцинските заедници и особено борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Со декларацијата земјите членки на ЕУ и на Западен Балкан прифаќаат да ја зајакнат соработката за справување со дезинформациите и другите хибридни закани, кои доаѓаат од трети страни кои сакаат да ја поткопаат европската перспектива на регионот. Во декларацијата од Загреб 2020 ЕУ целосно ја поддржува определбата на земјите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи“,
се вели во соопштението.
Во таа насока се и опипливите резултати во спроведувањето и придржувањето до билатералните договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи на Северна Македонија со Бугарија.
Декларацијата констатира дека тесната соработка на земјите од Западен Балкан во рамките на постојните регионални структури ја покажа својата вредност и во соочувањето со кризата ковид-19, и во таа насока ЕУ ќе продолжи да ја поддржува ваквата инклузивна регионална соработка.
„Во точката 11 од декларацијата се нагласува дека откако ќе се постигнат проектираните резултати за запирање на пандемијата од ковид-19, ќе следи нова фаза на тесна соработка за справување со социо-економски последици од кризата. За таа цел Европската Комисија подготвува масивен економски и инвестициски план за Западен Балкан, со цел да ги зајакне економиите на земјите од регионот, да ја подобри нивната конкурентност и да го поттикне квалитетното поврзување на регионот со ЕУ“,
се вели во соопштението.
Заедничко решавање и соработка за безбедносните прашања
ЕУ и земјите од Западен Балкан со декларацијата се согласуваат да ја унапредат взаемната соработка за основните безбедносни прашања на систематски начин и на оперативно ниво, на прашања како што се спречувањето и борбата против тероризмот и екстремизмот, вклучително и финансирањето, радикализацијата и враќањето на странските терористички борци.
Во декларацијата во врвот на приоритетите се борбата против корупцијата и организираниот криминал како неопходност за политичката и социо-економската трансформација на регионот. Се определува дека ќе се продолжат решителните активности против трговија со луѓе, против трговијата со дрога, како и против недозволената трговија со оружје, вклучително и миграциските предизвици, и шверцот со мигранти.
Со цел понатамошно промовирање на заедничките интереси, лидерите на ЕУ во декларацијата ја изразуваат подготвеноста да го зајакнат политичкиот дијалог на редовно и на највисоко ниво, меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.