Претседателот на Франција вели дека одлуката за распишување вонредни парламентарни избори е во интерес на земјата и ги отфрла тврдењата дека тоа е ризичен потег со кој власта би можела да заврши во рацете на екстремната десница
Францускиот претседател Емануел Макрон вели дека очекува победа на предвремените парламентарни избори во земјата што ги распиша по катастрофалниот пораз на неговиот центристички блок од екстремнодесничарскиот Национален фронт на Марин Ле Пен на изборите за Европскиот парламент, пренесува „Гардијан“.

Во неговото прво интервју по гласањето за европските избори во неделата, тој ги негира обвинувањата дека неговата одлука за распуштање на парламентот е ризичен, па дури и луд потег со кој главната политичка моќ во Франција би можела да заврши во рацете на екстремната десница.
Според Макрон, неговата одлука е добра и е во интерес на земјата.
„Мислам само на Франција. Тоа беше добра одлука и во интерес на земјата. Им велам на Французите: Не плашете се, одете и гласајте… Ова е духот на нашите институции. Го слушнав францускиот народ. Сега е време за разјаснување. Распуштањето (на парламентот) е најјасниот, најрадикалниот и најсилниот гест. Гест на голема доверба во францускиот народ“,
вели Макрон за весникот „Фигаро“, во интервју направено по неговото враќање во Париз од комеморацијата за масакрот во Орадур сур Глане во 1944 година за време на Втората светска војна, каде што нацистичката СС дивизија уби 642 селани.
Националниот фронт на Марин Ле Пен на изборите за Европскиот парламент во неделата освои 32 отсто од гласовите, што е двојно повеќе од довербата што ја доби блокот на Макрон кој, според излезните анкети, освои 15 отсто. На европските избори, со 14 отсто освоени гласови, добар резултат оствари француската Социјалистичка која со години беше маргинализирана од гласачите во земјата.
Инаку, Маркон за „Фигаро“ изјави дека не мисли дека екстремната десница може на националните избори да го повтори успехот што го постигна на изборите за Европскиот парламент.
„Политиката е динамична. Никогаш не сум верувал во анкети. Одлуката што ја донесов отвора нова ера. Почнува нова кампања и не смееме да ги гледаме оценките по изборна единица според мерилото на оние на европските избори… Претседателот мора да се заложи, тоа е неговото вистинско место. Иднината на републиката, институциите, земјата и Европа се загрозени“,
вели францускиот претседател.
Макрон вели дека неговата позиција како претседател не е загрозена, и покрај најавите дека Националниот фронт ќе бара негова оставка доколку победи на парламентарните избори.
„Националниот фронт не е тој што го пишува уставот, ниту неговиот дух. Институциите се јасни, а истото се однесува и на местото на претседателот, без оглед на резултатот“,
вели францускиот претседател во интервјуто.
Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен ја поздрави одлуката на Макрон за распишување предвремени избори во земјата велејќи дека нејзината партија е подготвена да ја преземе власта доколку Французите ѝ ја дадат довербата на изборите.
